Сојузот на синдикати на Македонија вчера поднесе предлог до Собранието и до Министерството за труд и социјална политика за донесување на закон со кој минималната плата треба да изнесува 18.000 денари. ССМ бара и висината на минималната плата да не биде пониска од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите останати плати во државата.
Ваквите барања веќе подолго време ги бара синдикатот, а како аргументи за зголемувањето на минималната плата ги посочува порастот на животните трошоци и најавите за зголемување на цената на струјата по Нова Година.
ССМ секој месец ја пресметува синдикална минимална кошница во која се опфатени производите и услугите кои се најнеопходни за егзистенција на едно семејство. Гледајќи го порастот на цените на услугите и производите на пазарот кои се од витално значење за нормалниот живот, разговаравме дека не може да чекаме до март кога согласно закон се врши усогласување на минималната плата. Имавме енормно зголемување на храната, средствата за хигиена и на горивата и врз основа на нашите пресметки и нашата интенција минималната плата да биде 60 отсто од просечно исплатената плата, направивме пресметка која покажа дека минималната плата треба да биде 18.000 денари – вели во изјава за МИА генералниот секретар на ССМ Златко Цветковски.
Тој додава дека мора да им се помогне на работниците за да може полесно да ги подмират основните месечни потреби имајќи предвид дека по Нова Година се очекува зголемување на цената на струјата, а замрзнатите цени на основните прехранбени продукти важат до 31 јануари.
По барање на ССМ се работи и на анализа за влијанието на минималната плата врз стопанството чии првични резултати покажуваат дека покачувањето на минималната плата не влијае негативно, туку напротив позитивно на продуктивноста на работниците.
Синдикатот бара поддршка од сите пратенички групи за овој нивни предлог. Подготвени се да ги искористат сите синдикални можности што им стојат на располагање за да го реализираат ова нивно барање, а во спротивно како крајна варијанта најавуваат генерален штрајк.
Последните податоци за синдикалната минимална кошница покажуваат дека таа во октомври е зголемена за 200 денари во однос на септември. Според податоците на ССМ, вредноста на синдикалната кошничка во октомври изнесувала 34.584 денари. Најголем процент од месечните трошоци одат за храна и за режиски трошоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.