Забрзаната постапка за добивање работна виза за Германија што ја овозможува новиот Закон за доселување стручни лица, кој стапи во сила од 1 март, е можна само со признаена квалификација од германските надлежни служби и конкретна понуда за работно место од германски работодавач, појаснува германскиот амбасадор Томас Герберих во видеопорака до граѓаните на земјава.
Целта на видеопораката е, како што вели, да даде неколку појаснувања во врска со Законот за доселување стручни лица, кој во Германија стапи во сила на 1 март. Тој нагласува дека законот ќе го регулира доселувањето во Германија на квалификувани стручни лица од земјите надвор од ЕУ.
Согласно законот, квалификувани стручни лица не се само лица со завршено високо образование туку и стручни лица со квалификувано стручно средно образование. Како прв чекор мора да се докаже оваа квалификација пред да се поднесе барање и да биде признаена од надлежните германски служби. Со призната професионална квалификација може да поднесете барање за виза за кое ви е потребна и конкретна понуда за работно место. За да може стручните лица да имаат корист од забрзаната постапка идниот работодавач во Германија, мора да поднесе соодветно барање. Кога сето ова ќе е приложено, Амбасадата ќе издаде виза, вели амбасадорот Герберих.
Тој посочува дека Законот за доселување на стручни лица не е закон специјално составен за земјите од Западен Балкан, туку важи ширум светот. Тој закон, исто така, како што вели, не ја заменува досегашната добро позната „регулатива за Западен Балкан“, која и понатаму ќе продолжи да постои.
Германскиот амбасадор појаснува и дека целта не е да се поттикне заминување на млади образовани кадри.
Дозволете ми да појаснам уште една мисла: Не сакаме да поттикнуваме „одлив на мозоци“, туку да се заложиме за создавање одржлив пазар на трудот во земјите од Западен Балкан. Ќе ги поддржиме и оние што се враќаат за да може тука да го пренесат стекнатото знаење во Германија, вели амбасадорот Герберих во видео пораката.
Видеопораката може да ја погледнете на следниот линк на веб-страницата на Амбасадата на Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.