Владата треба да го почитува мислењето на Меѓународниот монетарен фонд, но не треба слепо да ги слуша нивните совети, сметааст дел од бизнисмените кои ги косултираше Фактор. Експертите се со став дека ММФ всушност ги испорачал истите забелешки на кои и тие претходно укажувале. Од Владата, пак, не гледаат простор за загриженост.
Ова следува откако монетарците, иако спакувани во фин дипломатски целофан, исфрлија серија критики до овдешните власти – за замрзнувањето на прогресивниот данок, за планираниот пораст на платите во администрацијата и на пензиите, како и за зголемувањето на минималната плата, со оценка дека тоа ќе ги поткопа придобивките што досега беа направени во фискалните политики.
Горан Рафајловски, бизнисмен, за Фактор вели дека и покрај забелешките од Фондот, одложувањето на прогресивното оданочување – е добра мерка.
И на Владата, а и на компаниите, треба да им се остави на располагање подолг временски период и повеќе простор за сериозна анализа на прогресивното оданочувaње. Тој период треба да се искористи за да се размисли и за висината на даночните стапки. Затоа, според мене, одложувањето од три години е повеќе од добар потег – смета Рафајловски.
Според него, точно е дека зголемувањето на минималната плата е проблем и оптоварување за стопанствениците, но ќе мора да се најде начин таа и натаму да расте, за да ја намали сиромаштијата. А тоа нема да се исполни за само една година, туку е повеќегодишен процес. И платите во администрацијата, како и пензиите треба да одат нагоре, бидејќи тоа носи зголемување на јавната потрошувачка.
Но, посериозен проблем е што поголемиот дел од буџетот е сведен на плати, пензии и социјала, а помалку е застапен развојниот дел. Затоа се надевам дека ќе има храбра власт, која ќе оди со многу поголем буџетски дефицит од сегашниот, што би довело и до поголемо задолжување, но да има и значајна сума за развојниот дел. Според мене, не би било проблем буџетот да тежи и пет милијарди евра, но дури 2,5 милијарди евра да се потрошат за развој – смета Рафајловски.
ММФ е банкар, и тие секогаш критички се однесуваат ако трошите пари, укажува овој бизнисмен. Но, државата треба да биде мудра и да знае како паметно да ги потроши позајмените средства.
Владата треба да го почитува мислењето на ММФ, но не треба слепо да го прифати. Државата треба да влече храбри потези, и ако тие се вистинските и доведат до развој на земјата, и ММФ и Светска банка тоа ќе го пофалат. Но, многу е битно голем дел од буџетот да оди на развој, односно на капитални инвестиции, кои ќе ја зајакнат економијата – потенцира Рафајловски.
Повеќе на Фактор
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.