Барајќи надеж за своите тешко стекнати заштеди пред институциите, припадници на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард Банка одржаа протест пред Народната банка.
Пропаѓањето на Еуростандард Банка или црната за нас среда, 12 август, не остави без нашите лични парични средства. Се работи за цели семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочуваат со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто не заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција регулирана и контролирана од државата – вели Дејан Николовски од Здружението.
Тој додаде дека деновиве слушале изјави од Народната Банка како една од највисоките државни институции која се издига високо над банкарскиот систем, како истиот тој систем е стабилен и дека останатите банки се во одлична состојба. Истовремено, Николовски вели дека до нивното Здружение секојдневно пристигнуваат пораки со прашања на штедачи што да прават со своите заштеди во банките.
Одговорот на тоа прашање, за жал, ние како паталци не можеме да го дадеме. Во моментов нашето, а и нивното, зависи од оние што гатаат постојано дека системот е стабилен, а сепак на неколку години се повторува истата голгота на цели семејства со пропаѓање на банки и прашањето како такво повторно станува актуелно – додава Николовски.
Од Здружението велат дека истата таа институција чие име почнува со зборот „Народна“ и треба да служи на народот, сега е исправена пред нов предизвик да докаже дека служи на целиот народ вклучувајќи ги и нив и треба да го реши нивниот проблем најбрзо и најефикасно, пред да бидат сведоци на големи семејни трагедии.
Тие исто така со пошироката јавноста споделија трагедии и потресни стории за тешки човечки судбини. Луѓе загубиле се што имале, го вложиле животот, здравјето, пензиите, заштедата за своите најмили.
Мајка добила долгоочекувани пари како оштета за нанесена телесна повреда од небрежност на државна институција, и истите се уплатени во Еуростандард Банка а се наменети за лекување на нејзиното болно дете во странство. Парите се заробени и детето неможе да се лекува.
Татко на две деца повеќе од 15 години работи во мисиите во Ирак и Авганистан, тешко спечалени пари со пот и крв, далеку од своите, децата го немаат видено. Прв пат биле оштетени како семејство во аферата Фиком, за да повторно сите средства со крвава заштеда од 2012 година наваму сега им се заробени во Еуростандард Банка. Семејството е во очајна состојба.
Имаме бројни ситуации каде членови продале личен имот и бидејќи според закон трансакцијата мора да оди преку банка, на трансакциска сметка која се смета како депозит по видување се заробуваат парите во Еуростандард Банка. Спротивно на тоа, имаме членови кои подолг период штеделе да купат свој дом за себе или за своите најблиски и сега средствата им се заробени и моментално се под кирија.
Фирми страдаат исто така. Парите им се заробени целосно со пропаѓањето на банката. Доведени во тешка состојба, неможат да сервисираат долгови, немаат ликвидност, неможат да работат, вработените да земат плата, блокирани се, фирми се затвораат поради настанатата состојба. Фирмите се законски должни да работат со трансакции преку банка, ги користеле услугите на Еуростандард Банка. Има и фирми кои работеле само со оваа банка и сега сите пари им се заробени.
Пензионери ставиле цела заштеда во Еуростандард Банка, некои непосредно пред да се затвори банката, сигурноста ја немаат повеќе. Меѓу нив има и луѓе кои изгубиле се во аферата ТАТ.
Затоа барам итно решавање на нашиот проблем со носење на законско решение со коешто државата ќе ги превземе нашите побарувања на физички и правни лица од Еуростандард Банка и во целост парично ќе не обештети, а потоа државата да наплати од стечајната маса. За ова наше барање, ние доставивме предлог закон на состанокот со Премиерот Зоран Заев и Вицепремиерот Фатмир Битиќи, каде беше искажана волја за решавање на нашиот проблем од нивна страна. Овие денови имаме состаноци со пратеничките групи во Собранието за да побараме и нивна поддршка за донесување на закон – вели претставникот на Здружението на оштетените штедачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.