Република Македонија почнува полека да колабира во сите области, посочи на денешната прес-конференција Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој рече и дека жалосно и загрижувачки што мораат повторно од оваа говорница, од која што, за жал, не се во можност да спроведуваат владини мерки, да апелираат и нудат решенија за кои конечно треба да се свестат целата влада и да ги применат.

На компаниите и стопанството очајно му треба помош. На граѓаните како никогаш порано.
Владата освен што држи беспредметни и без суштина прес конференции, ништо реално не спроведува во стопанството како активни мерки за помош на компаниите.  Според последната анкета која можевме да ја видиме во медиумите, дури 20% од граѓаните добиле привремен отказ. Тоа се над 160.000 граѓани. Во просек секое петто семејство во Република Македонија останува без еден вработен, рече Јанушев.

Додаде дека и покрај овие фрапантни податоци, владата повторно не презема ништо.

Над 80% од граѓаните очекуваат Владата да ги помогне компаниите и да им ги покрие загубите, на начин на кој истите компании не би делеле откази како во моментов. Но, за жал, бидејќи Владата е глува на барањата на стопанството, компаниите се принудени да делат откази.  Граѓаните имајќи во предвид за неспособноста на владата предводена од Заев и Спасовски, се загрижени од последиците од економската криза, рече тој.

Јанушев повика да се остават суетите настрана.

Да заборавиме кој предложил, кој помогнал и слично. Дајте, Ве молиме, донесете ги мерките кои ви ги понудивме и кажете доколку треба и дека се ваш предлог само за да си ги исполните суетите. Но, Ве молиме, не ги држете во заложништво компаниите и граѓаните.
Како држава многу доцниме со носење на економски антикризни мерки. Немаме повеќе време, имаме дупка во буџетот од над 2 милијарди која ја направивте.
Освестете се, тргнете ги суетите, и конечно направете нешто добро за граѓаните. Се ви е понудено како мерки, останува само да ги прифатите, рече Јанушев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.