Секаде во светот бензините поевтинуваат, само во Македонија под власта на СДСМ поскапуваат, потенцираше денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
Одлуката за поскапување на акцизата на горивата е чист грабеж нa граѓаните.
Ова е начин како Владата на Заев ќе зема од парите на граѓаните за да ја покрива финансиската дупка која ја направи владата. Значи владата на Заев ќе се задолжува земајќи пари од граѓаните. На светските берзи цената на нафтата падна скоро за 3 пати од почетокот на годината до денес. Имено на почетокот на годината нафтата се тргуваше за 60 долари за барел, а сега истата оди и по цена од 20 долари за барел. И додека светските цени вртоглаво паднаа во Македонија не само што не паѓа цената на горивата, туку истата и се покачува. Влијателниот Њујорк Тајмс објави дека моментално на светската берза нафтата за јуни се тргува и по 22 долари за барел. Што значи дека на светско ниво цената на нафтата подолг период ќе остане ниска, рече Мисајловски.
Ниската цена на нафтата на светските берзи, додава Мисајловски, власта на СДСМ ја користи за овозможување на високи профити на поединци на штета на сиромашниот народ.
Оштетени се сите домаќинства кои имаат возило или се греат на екстра лесно масло; фирмите, кои користат погонски горива и чија дејност е поврзана со транспортот; како и земјоделците кои во наредниот период треба да произведат храна за да ја прехранат нацијата. Владата ќе прибира пари од народот за да има пари за СЈО, за да има за времени вработувања на партиски кадри. Ние како партија не се согласуваме и апелираме да не се злоупотребува кризата за лукративни цели на власта.
Со ваквата одлука се ризикува ценовен шок и растење на цените на други производи поврзани со цената на чинење на нафтата. Ова не е одлука за помош на стопанството туку враќање на времињата на транзицијата, порача Мисајловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.