На релацијата Скопје-Киев од 6 декември (недела) се воведува редовна авиолинија. Новите летови, што се воспоствуваат првпат меѓу Украина и Македонија, ќе ги реализира авиокомпанијата WINDROSE. Летовите 7W791 / 792 ќе се извршуваат секој четврток и недела.

Првпат во историјата на односите меѓу Украина и пријателска Македонија од 6 декември 2020 година се воведуваат летови на релација Кијив-Скопје-Кијив!, соопшти денеска Амбасадата на Украина во Скопје.

Летовите од аеродромот Бориспиљ ќе се извршуваат со авиони Embraer-145 и ATR72-600. Покрај тоа, истакнуваат од Амбасадата, WINDROSE нуди удобен транзит од регионите на Украина: Харков, Днипро, Одеса и Лавов.

Постоење на директните летови ќе придонесе за интензивирање на билатералната соработка – зајакнување на бизнис врските, развој на туризмот во двете земји, подобро запознавање на граѓаните на Македонија со Украина и на Украинците со Македонија. На овој значаен настан беше посветена средбата на амбасадорката на Украина Наталија Задорожњук со генералниот директор на TAV Macedonia Метин Батак на аеродромот на Скопје на 26 ноември 2020 година, стои во соопштението, објавено на Фејсбук страницата на Амбасадата на Украина.

На веб-страницата на WINDROSE веќе може да се купат картите и за Киев и за Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.