За само три месеци Владата го зголемила јавниот долг за една милијарда евра. Јавниот долг кој на крајот од првиот квартал оваа година изнесуваше 5,5 милијарди евра, за само три месеци се зголеми на 6,5 милијарди евра.

Тоа значи дека секое просечно семејство е задолжено за НОВИ 2.000 евра јавен долг и тоа само за последниве ТРИ МЕСЕЦИ!!! Ова е рекорден раст на јавен долг во Македонија за едно тримесечие, речиси 9 процентни поени. Со ова галопирачко темпо на задолжување веќе достигнавме 59,5% од БДП, но согласно Мастришките критериуми за влез во една земја во Европската монетарна унија, дозволуваат јавен долг од 60%, предупреди денеска Анастасија Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека со ова темпо на задолжување Македонија набрзо ќе го пробие овој критериум.

И покрај огромниот пораст на јавниот долг од една милијарда евра, проекциите се дека македонската економија годинава може да ја заврши со пад на бруто домашниот производ приближно на 10%, со што логично се отвора прашањето за која намена беа искористени овие пари?

Овие показатели се резултат на исклучително лошата економска политика на владата, задоцнетите и популистички мерки кои суштински не го помогнаа стопанството.

Во цела криза и немаштија дополнително се наметнуваат огромни давачки, како што е поскапувањето на струјата за цели 7,5%.

Очигледно е дека Македонија тоне. Пред избори се вршеше класичен поткуп на граѓаните со ваучери, а после избори го товарат секое семејство со поскапи сметки за струја за 200 евра на годишно ниво, 2.000 евра нов долг за три месеци, повисоки трошоци за живот и уништен стандард, рече на денешната прес-конференција Илиевска.

Дека огромното задолжување на државата наместо за проекти за граѓаните, се искористи за предизборен поткуп, обвини и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Аналитичарите и пред изборите укажуваа дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови. Стартот на искористувањето на картичките се совпадна со предизборниот период, а ваучерите добија валидност токму на денот на изборите, 15 јули.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешенел“ кон средината на јуни истакна дека тенка е линијата меѓу помош за граѓаните и предизборен поткуп, а во случајот со платежните картички. Тасева смета дека пакетот мерки се повеќе личи на популизам кој има за крајна цел добивање гласови на избори. Во тогашната изјава таа посочи дека исплатите не треба да продолжат и по 24-ти јуни кога почнува предизборната кампања.

Не можат исплаќањата на овие картички да се вршат во време на изборна кампања, ниту во време на избори. Затоа мора да се внимава. Сета оваа збрка околу неточни податоци, ажурирање на податоци за картичките дополнето со тоа дека за осум дена ќе настапи изборна кампања, треба да се внимава на одредбите од законот кои велат дека не можат да се вршат исплаќања во тој период, истакна тогаш Тасева.

Од ВМРО-ДПМНЕ во јуни посочуваа дека јавноста не знае по кој критериуми ќе бидат делени картичките, ниту кој ќе одлучува кој да добие кој не. Од партијата нагласуваа дека се остава широк простор за манипулација и класичен поткуп на граѓани пред избори.

СДСМ не знае како да се справи со пандемијата и во државата се случува тотален хаос. Ниту знаат што да прават на здравствен, ниту на економски план. Се фалеа со економски мерки кои беа задоцнети и не беа од никаква помош бидејќи илјадници граѓани останаа беа примања. Платежната картичка со која тие се фалат е класичен поткуп. ВМРО-ДПМНЕ апелира наместо на поткуп, власта да се насочи на санирање на штетите од кризата за фирмите и за работниците, истакнуваа во јуни од партијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.