Три тендери во вредност околу 220.850 во Општина Шуто Оризари се доделени на новоформирана и сомнителна фирма, која воопшто не си ги исполнува обврските, а да биде скандалот поголем истата фирма според жителите на општината е регистрирана на човек кој важи близок до градоначалникот Курто Дудуш, открива КОД на Телма.
Фирмата АДЕ БИЛДИНГ ДООЕЛ Скопј, на извесен Ахмед Адем основана во мај 2018 година како новоформирана го добива тендерот за санација и реконструкција на ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“ во вредност од околу 203.000 евра, распишан во јули, а неколку месеци подоцна ги добила и тендерите, за новогодишно украсување на општина Шуто Оризари од 4.900 евра и за зимско одржување на станбени, сервисни и локални патишта и улици на територијата на општината со вредност до 5.756 евра.
Сомнително е и тоа што сопственикот Ахмед Адем до јули 2018 бил вработен во истото училиште од кое што го добива тендерот кој што бил распишан само неколку дена по неговото одјавување. Додека пак локацијата која што е наведена во Централен регистар, улица „Брсјачка буна“ бр. 65 нема никаква фирма, туку куќа во изградба, а соседите прв пат слушаат дека тука има таква компанија и дека нејзиниот сопственик Ахмед Адем е човекот кој треба да им го чисти снегот или пак да ја украси општината за новогодишните празници.
Иако фирмата ги добива тендерите, сепак екипата на КОД при посетата на ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“ забележа дека таму се уште нема никакви работни активности, а жителите на Шуто Оризари се жалат дека ниту било украсено за Нова година, а ниту се чистел снегот. Тие потенцираат дека цела зима се принудени да газат по половина метар мраз кој ги загрозува нивните животи.
Работа на терен нема, но сепак се доделени над 220.850 евра, а сопственикот недостапен на јавноста и медиумите. Никој не знае ни како новоформирана фирма која најверојатно има лажно седиште и не се знае дали воопшто има вработени и механизми за работа, сепак успева да ги добие овие три важни и вредни тендери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.