Дали масовните отпуштања кои се случуваат периодов во делот на текстилната и кожарската индустрија ќе не вратат во времето на деведесеттите кога загубарите оставија илјадници семејства без корка леб? Владеењето на СДСМ  ја враќа сликата од тие минати времиња, кога исто тие владееја, а кога згаснаа многу фабрики кои вработуваа најголем дел од населението во државава. Нивното прогласување за загубари, значеше губење на тие работни места. Агонијата која потоа следуваше за луѓето кои останаа на улица траеше со години и уништи многу семејства. Таман кога се помисли дека се подзаборавија тие години, ова што денеска се случува во фабриките, посебно во штипскиот регион, ги навраќа сеќавањата на тие трагични времиња, кога згаснаа ФАС 11 Октомври, Железара, Охис, Годел…

И сегашната ситуација во текстилната и кожарската индустрија во земјава е загрижувачка. Стотина семејства од „Баргала“, близу 300 семејства од „Мода“, над педесетина семејства од „Алкон текс“ останаа без егзистенција овој месец, во Виница беше поделена плата од 100 денари. Се очекува до крајот на месецов уште илјадници вработени во текстилната индустрија да добијат откази, а главната причина е драстично намалениот обем на работа поради малите или стопирани нарачки  од странство. Ваквата ситуација започна уште минатата година поради ковид кризата и затворањето на пазарите, но иако годинава има делумно стабилизирање на економиите, сѐ уште нема нарачки за текстилни производи кај македонските фирми, кои скоро целосно се ориентирани кон извоз. Загубата од економската криза голем дел компаниите го гледаат во намалувањето на трошоците за работа, преку откази на вработените или технолошки вишоци. Според најавите ваквата ситуација ќе потрае уште најмалку една година.

Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавачи, воедно и директор на текстилната фабрика „Мода“ од Свети Николе за Пресинг вели дека на 50 вработени не им се продолжени договорите за работа, а 460 се на принуден одмор. Според него тоа е резултат на редуцираното производство за 50-тина проценти, во однос на 2020.

Нема работа. Се заканува колапс на текстилната индустрија и само во текот на овој месец околу 10.000 вработени ќе бидат прогласени за вишок. Ако сакаме да опстанеме, мора да го намалиме бројот на вработените. Тоа секако ќе го направиме според законски прописи и со бодирање, зависно од социјалната положба на вработениот, за што е во тек подготовка на списоци – потврдува Димитров.

Тој додава дека ваквата кризна состојба ќе  продолжи и в година, судејќи според најавите на странските партнери. Како претседател на ОРМ, Димитров вели дека секоја текстилна фирма ја решава кризата зависно од своите финансиски можности. Тие што имаат пари, им делат по неколку плати на работниците кои ќе ги отпуштат, согласно Законот за работни односи, но има и фирми кои излезот го бараат во стечај или ликвидација.

Според пишувањата на медиумите во Светиноколска „Мода“ отпуштени се близу 300 вработени. Во штипската конфекција „Алкон-текс“ од работа избркани се над 50 вработени, а слична судбина ги очекува и останатите вработени.

И „Баргала“ со една нога е во стечај. Штипскиот суд, по барање на синдикатот отвори предстечајна постапка, откако газдата неосновано отпушти над 100 вработени.
Фабриката сега има општа забрана да располага со имотот, а привремен стечаен управник ќе ја оценува состојбата.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека барањето следи по несоодветниот третман на работниците од газдата.

Тоа се 4 неисплатени плати, како и блокираните сметки на АД Баргала повеќе од 45 дена…Тоа се случи по барање на нашите членови во ССМ и ние постапивме по барањето и дадовме предлог. На наша среќа или не среќа тоа е прифатено – изјави за медиумите Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Но, синдикатите не сакаат фабриката да се затвори. Ќе бараат да се рестартира и сите работници да бидат вратени на работа. Димовски смета дека имаат доволно докази и аргументи да успеат во намерата.

Ќе има голема работа стечајниот управник бидејќи ние ќе бараме рестартирање, а тоа ќе значи дека стечаен управник ќе треба да обезбеди работа за работничките и таа фабрика од нерентабилна да биде рентабилна, да не ја затвориме и да не дојде до продавање на имотот на фабриката. Интенцијата е да ги задржиме, да ја задржиме фабрика и од таму да ја вадиме нашата егзистенција како работници – додава тој.

А, работењето на „Баргала“ подолг период е под лупа и на УЈП…Директорката Сања Лукаревска претходно кажа дека инспекторите откриле безброј финансиски злоупотреби од големи размери. Но, не само во таа фабрика…Од УЈП најавија дека наскоро ќе излезат и со сите наоди за повеќе фирми најмногу од текстилната и кожарската индустрија кои неосновано испуштаат работници и не исплаќаат плати.

Првото рочиште за „Баргала“ е закажано за 26 август.

Голготата на останатите конфекциски фабрики продолжува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.