Како што најави, така и побрза да подели откази. Поранешниот пратеник од СДСМ Ангел Димитров, актуелен претседател на Организацијата на работавачи и директор на светиниколската модна конфекција „Мода“ денеска поделил 180 отказни решенија. Вработените биле викани еден по еден за да бидат информирани дека се прекинува нивниот работен однос. Се работи за 180 лица од кои некои со досегашните примања обезбедуваа егзистенција за своите семејства. Во најава е дека ќе има нови бркања од работа. Неизвесна е судбината на повеќе од 260 вработени кои остануваат на принуден одмор.

Работа нема, ги опрвда отказните решенија на 50 работници пред две недели директорот на „Мода“. Како причина ја наведе корона-кризата, која според него, во секторот ќе се чувствува уште долго.

Нашите партнери од Германија најавуваат дека за одредени артикли кризата ќе трае и во текот на 2022 година, па нарачките се страшно намалени – рече Димитров.

Последните два месеци фирмата ги помина тешко обидувајќи се со сите сили да обезбеди работа, но напорите останаа залудни, објаснил првиот човек на „Мода“.

Димитров во таа прилика најави отпуштање на уште 150 работници доколку не се смени ситуацијата до октомври, но денеска експресно од работа биле избркани 180 вработени.

Фабриката „Мода“ беше една од првите текстилни кластери во државата. Минатата година за време на викенд-карантините работничките од „Мода“ со дозволи за движење во полициски час работеа во три смени со полно работно време.

Револтот на светиниколци кон директорот на Мода АД, Ангел Димитров, тогаш беше огромен. За него беше важен договорениот извоз, но не и здравјето на вработените и нивните семејства.

Сега кога стивнува кризата и се намали бројот на заболени, како да стигнаа за наплата економските последици од кризата. Масовните отпуштања се само почеток на маката на текстилците. Ако немањето нарачки продолжи, ништо чудно да дојде и до затварање на дел од конфекциите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.