Новинската агенција Ројтерс објави репортажа за производството на марихуана во Македонија, во која се вели дека, и покрај издадените триесетина лиценци, сè уште многу малку марихуана е произведена или извезена од земјата.
Досега се издадени 28 лиценци за растење марихуана и производство на масло, а уште 15 компании чекаат за дозвола. Но, досега производството е мало, а ништо не е извезено. Производителите се уште го усовршуваат производот, пишува Ројтерс, најавувајќи дека во тек се обиди да се легализира извозот и на цветовите на растението, а не само на маслото, што е моменталното барање на производителите.
Новинарите на Ројтерс разговарале со неколку производители, како Славе Ивановски од Штип, кој беше партнер на семејството Заеви. Ивановски вели дека инвестирал десет милиони евра во земја и технологија за производство на канабис, но се уште се обидува да го постигне бараниот квалитет за да извезува во Германија.
Ова е многу профитабилен бизнис, кој не бара многу работа и има добра иднина, изјави Ивановски за Ројтерс.
Агенцијата наведува како премиерот Заев неодамна се сретна со американскиот бизнисмен Мајкл Биг Мајк Страуметис, поранешен криминалец кој сега води канабис империја во Северна Америка и Европа.
Оваа земја има огромен потенцијал и возбуден сум што ќе бидам дел од луѓето кои ќе ја претворат Македонија во една од првите канабис суперсили во Европа, порача Биг Мајк при посетата на Македонија, каде се сретна со Заев, банкарот Хари Костов и градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ.
Компанијата НЈСК исто така има инвестирано поголема сума во производството на марихуана – над пет милиони долари за да приспособи простории во близината на ОХИС во Скопје, и веќе работи на производство и на масло.
Ова е специфична индустриска гранка, и има многу тајни. Македонија е добра дестинација за инвестирање бидејќи ги има потребните ресурси, а не е скапа како некои други држави, вели Сашо Стефаноски од НЈСК.
Според Ројтерс, министерот за здравство Венко Филипче очекува дека производството на марихуана ќе достигне вредност од еден процент од македонскиот бруто домашен производ, односно стотина милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.