Здружението „Напредни лозари“ јавно побара двојно да се зголемат субвенциите за одгледување винско лозје по хектар.

Оваа година Тиквешкиот регион го зафати суша каква не се памти многу одамна. Лозовите насади претрпеа големи штети. Сушата ги погоди и лозјата кои се под системи за наводнување. Тиквешкиот регион е скоро цел со лозови насади и вода за наводнување не може да се обезбеди во огромни количини – велат од здружението.

Лозарите велат и дека поради сушата, родот некаде е целосно уништен, а некаде е десеткуван.

Згора на тоа, винариите организирано настапуваат и тоа што остана од родот сакаат да го земат за што е можно пониски цени. Винариите оваа година знаат дека грозјето кое останало од сушата е со повисока шеќерност, тие сега ги условуваат лозарите и бараат многу повисока шеќерност за помали цени, иако нема доволно винско грозје. Вранецот одамна ја има надминато технолошката зрелост за берба, сред берба винариите ја зголемуваат минималната шеќерност и го враќаат грозјето кое е под 21 шеќерна единица, а за дадат белешка за берба бараат минимум 23 шеќерни единици. Тоа се апсурди, кога се знае дека вранец во технолошката зрелост нормално има 18-19 шеќерни единици, а „смедеревка“ 16-17 шеќерни единици. Винариите овие денови го прекинаа откупот и чекаат Владата да субвенционира како минатата година и тие ако може да го земат грозјето по многу пониски цени – нагласуваат од „Напредни лозари“.

Според нив, овој застој најмалку им одговара на лозарите.

На ова топло време грозјето секојдневно губи многу, а се очекуваат и врнежи па преостанатото грозје ќе остане на нивите. Се надеваме дека ќе бидат удоволени нашите барања за доброто на лозарите, сите граѓани на Тиквешкиот регион и државата. Секоја друга опција, штрајкови, копачења на лозјата, ќе бидат штетни за сите – децидни се од здружението на лозарите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.