Недовршената црква од проектот „Скопје 2014“, несудената „Св. Констанин и Елена“ која уште стои на улица Македонија ќе добие нов газда, дознава Фактор. Приватната здравствена установа „Ре-Медика“ ќе го откупи објектот од градежната компанија „Бетон“ која почна да го гради објектот во 2012 година, а за таа цел ќе го отплати долгот од 4,4 милиони евра кој кон „Бетон“ го имаат МПЦ-ОА и фондацијата „Св. Цар Константин“.
Оваа одлука треба да ја усвојат акционерите на градежната компанија на вонредното акционерско собрание кое е закажано за 18 октомври. Кога ќе се усвои, точно 270 милиони денари (4,4 милиони евра) долг од фондацијата и МПЦ ќе бидат отстапени како побарување кон „Ре-медика“.
„Се одобрува склучување на зделка со заинтересирана страна – склучување на Договор за отстапување на побарувањето со Приватна здравствена установа општа болница РЕ – МЕДИКА Скопје, во вкупен износ од 269.918.842 денари. Побарувањето, ДГ БЕТОН го побарува од Фондацијата Св. Цар Константин и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, согласно Спогодба за регулирање на меѓусебните права и обврски 25.12.2020 година“, стои во предлог одлуката.
Лани во ноември „Бетон“ побара да се отвори стечајна постапка затоа што не можеше да наплати 1,1 милион евра од фондацијата. За претстојното акционерско собрание на „Бетон“ предвидено е да се донесат одлуки и за продажба на недоградениот хотел во центарот на Скопје, но и за два други хотели, едниот во Дојран, а другиот во Охрид.
Постапките за чистење на компанијата некои познавачи ги толкуваат како обид компанијата да стане поконкурентна и покомпетитивна, пишува Фактор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.