Министерството за труд и социјална политика работи на донесување нов системски закон за работни односи кој треба да биде донесен и да почне да се применува наредната година. Постојното законско решение е донесено во 2005 година и досега има претрпени 24 измени.

По доаѓањето во Министерството за труд исоцијална политика и консултациите со сите претставници на трипартитниот социјален дијалог, работодавачите, работниците претставени преку репрезентативни и нерепрезентативни синдикати, со вклучување и на невладиниот сектор, активирана е работната група која веќе работи на овој закон. Пандемијата наметна нови услови кои треба да бидат вградени во законското решение. Тоа е, пред сè, работата од далечина или од дома, како нов облик кој не беше регулиран во сегашниот Закон. Тука влегува и регулирање на породилното отстуство, флексибилно работно време, должина на договори на определено, сезонска работа, ваучери за сезонски работници…, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето грантови за развој на социјални услуги со неколку општини.

Тоа, вели министерката Шахпаска, ќе биде системско решение кое ќе ги обликува условите на нашето современие и ќе биде применливо во следниот период, имајќи го предвид фактот дека претходниот закон е донесен 2005 година, а досега има претрпено 24 измени. Таа појасни дека во работата се вклучени и домашни и меѓународни експерти и оти во законот ќе бидат вградени стандардите на Меѓународната организација на трудот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.