Третиот пакет мерки наместо еднократни „дарови“, требаше да содржи покрупни, системски промени, во насока на градење на посолидарно општество, кое повеќе ќе се грижи за работничките, работниците, сиромашните и сите други обезгласени и обесправени, порачуваат неколку здруженија и синдикати во рекација на вчера објавениот пакет мерки од Владата за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

Го изразуваме нашето несогласување, се додава, од третиот пакет мерки кој го претстави Владата вчера, за кој кажа дека е донесен на инклузивен начин и дека е усогласен и со синдикатите.

Точно е дека Владата нè информираше за пакетот пред тој да биде јавно објавен, но никако не може да се рече дека е тој усогласен со нас, бидејќи ниедна од нашите забелешки не беше прифатена, велат од синдикатите и здруженијата.

Особено сме незадоволни, посочуваат, од мерката за паричен надоместок од само два месеца за лицата кои ја изгубиле работата за време на кризата, затоа што Владата не го испочитува договорот кој го
постигнавме на состанокот на 30 април, кога се договоривме овие лица да бидат опфатени со
системското решение за осигурување во случај на невработеност, односно, да добиваат
надоместок во временски период кој зависи од нивниот стаж, а не само од два месеца.

 

Со тоа што Владата не си остана на зборот, само покажа колку ги почитува работничките и работниците, и синдикатите како нивни застапници, потенцираат од здруженијата и синдикатите.

Рекацијата е потпишана од Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Субверзивен фронт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.