Компанијата „РКM“ ДООЕЛ Скопје, во сопственост на поранешниот директор на салата Борис Трајковски и на компаниите на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко – Ратко Капушевски, добила лиценца за трговија со мазут, пишува Фокус.

Според надлежната Регулаторна комисија за енергетика, „РКМ“ на Капушевски поднела барање за издавање на петгодишна лиценца за трговија со мазут на големо на 1 јули годинава, а регулаторот донел позитивна одлука на 20 јули.

Според податоците од Централниот регистар, „РКМ“ е формирана кон крајот на 2015 година со назив „Балкан оил експорт груп“, по што во 2016 година го менува називот во РКМ МКР, а потоа и во денешниот РКМ, чија основна главнина е претставена преку паричен влог од 36.000 евра. Во рамки на компанијата, функционираат две подружници, од кои едната е во Босилово, каде што се наоѓа складиштето за мазут.

Финансиските извештаи на друштвото, пак, покажуваат дека во 2018 година остварило приходи од над 4 милиони денари и профит од 3,2 милиони денари. Веќе во следната 2019 година, се забележува голем скок на приходите, кои достигнуваат 49 милиони денари, меѓутоа компанијата ја завршува годината во минус од 5,2 милиони денари, со оглед дека расходите изнесувале 54,2 милиони денари.

Инаку, лиценцирањето на оваа компанија се случува во период кога се спроведуваат две големи тендерски постапки за снабдувањето со мазут, каде услов за учество, покрај останатото, е и поседување на лиценца.

Мојата компанија работи исклучиво со приватни компании и не планираме да даваме понуда на тендер за снабдување на државни органи – ни изјави тој, потенцирајќи дека воопшто не следи јавни набавки, изјави за Фокус Капушевски.

Целиот текст можете да го прочитате тука.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.