Грејс периодот од шест месеци кои граѓаните ќе го добијат за исплата на ратите на кредитите ќе значи и обврска за плаќање на камати за тие месеци кои ќе се вметнат во ратата по истекот на грејс периодот. Народски кажано, одложувањето на плаќање на кредитите ќе дојде по своја наплата кога по изминувањето на грејс периодот ќе треба да се плати двојно поголема камата за тие месеци. Најголем дел од корисниците на банкарските услуги тоа не го знаат, радувајќи се дека банките ќе ги „одморат“ од наплата на обврските.
Со промената во Одлуката за методологијата за управување со кредитен ризик, Народната Банка создава законска основа за превземање на активности за одложување на отплатите и репрограмирање на кредитите од страна на банките. Останува секоја банка индивидуално да одлучи дали и под какви услови ќе се пролонгира отплатата на кредитот, репрограмот, колкав би сил грејс периодот и колкава ќе биде висината на каматната стапка. Во суштина граѓаните треба да знаат дека станува збор за одлагање, а не за ослободување од обврските. Тоа значи дека се претпоставува дека по надминување на кризата, граѓаните ќе имаат доволно средства да ги исплатат претходните обврски, јас лично би бил изненаден доколку банките решат да не пресметуваат камата за грејс периодот – вели за Република, поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.
Според него секогаш постои можност за промовирање на модели кои што ќе го олеснат плаќањето на обврските на граѓаните, но се разбира за изнаоѓањето на такви решенија неопходни се соодветно знаење и иновативност во примена на модели кои што би се прилагодиле на условите и околностите на земјата.
Сепак неопходно е и државата да располага со доволно финансиски средства или да има достапност до финансики средства кои што би ги позајмувала под поволни услови. На пример може да се креира Инструмент по примерот на Гарантен фонд за корпоративниот сектор присутен во голем број земји во светот, со тоа што истиот би бил наменет ислучиво за олеснување на плажањето по основ на кредитите на населението, пред се на оние кои што се сериозно погодени од кризата со вирусот – Ковид 19 – објаснува Миноски.
Според него ставањето во втор план на интересите на банките, кои не се откажуваат од својот профит и најавуваат дека ќе исплаќаат дивиденди, после интересите на граѓаните е прашање на нивната општествена одговорнот и етика.
Пред извесно време пишував на тема Економијата и етика и колку е битно да се однесуваме општестевно одговорно и етички во услови на криза, укажувајќи дека тие што профитирале во добри времиња треба да се однесуваат одговорно во услови на криза и да покажат доблест и етичност и да превземат поголем товар од кризата. Затоа што кризата ќе помине меѓутоа начинот на кои што фирмите и поединците се однесувале ќе влијае и на начинот како во иднина јавноста ќе ги перцепира. Банките се во приватна сопственост и нивните сопственици можат да носат самостојно одлуки, ние можеме да се повикуваме единствено на општествена одговорност и етика, доколку државата не одлучи со закон да превзема некакви мерки.
И техничкиот премиер Оливер Спасовски во вечерашната емисија Топ тема на телевизија Телма потврди дека, граѓаните ќе треба да платат дополнителни камати за одложувањето на кредитите.
Ние можеме сега да побараме се да се одложи, во функција на некаква помош, но мораме да водиме сметка особено за банкарскиот систем или сектор и мораме да направиме се за истиот да го одржиме таков – посочи Спасовски.
Тој тврди дека решиле да помогнат секоја од банките да изврши одлагање на обврските за три до шест месеци, но дека не е предвидено да се стопира каматата, бидејќи во предвид треба да се има дека треба да се одржува и ликвидноста на банките.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.