Македонската економија во вториот квартал забележа раст на Бруто домашниот производ (БДП) од 13,1 процент. Ова, според надлежните, е потврда дека економската криза предизвикана од Ковид-19 одминува и економијата заздравува. Најавуваат План за заздравување и финансирање на забрзан раст, кој е комплементарен со Интервентниот план за инвестиции 2021-2027.

Меѓународните финансиски институции повикуваат на масовна имунизација како единствена можност за економско закрепнување. Препорачуваат да се обезбедат чесни правила за набавки, да се воспостави едноставна административна процедура и да се подобри деловната клима за да се привлечат нови директни инвестиции.

На Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“ што вчера и денеска се одржува во Скопје, учесниците од земјава и странство порачаа дека треба да се учиме од минатото, да дејствуваме во сегашноста и да се подготвуваме за иднината.

– Пандемијата не научи дека е неизбежно да се обединат општествата, владите и компаниите, да се адаптираат на новата реалност и да се дизајнираат политики фокусирани на градење на еднаквост, инклузивност и одржливост на економиите. Она што следи, е подобрување на инвестициската и бизнис клима, отпорност на шоковите, осврт кон зелените инвестиции и дигитализацијата, зајакнување на здравствениот и едукативниот систем како основа за човечкиот капитал, зајакнување на националните институционални капацитети и истовремено одржување на фискална консолидација, нагласи премиерот Заев на отворањето на конференцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.