Проектот за „јавно приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра“ веќе подолго време се турка од Генералниот секретаријат на Владата. Царинската управа е против ваков проект, кој всушност значи одземање на нејзините надлежности и работа, но поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски е упорен во тоа овој проект да се спроведе, а Зоран Заев го даде својот амин за реализација на оваа идеја, притоа убедувајќи на јавноста дека се работи за негова замисла. Овде логично се наметнува прашањето за кого се мести овој милионски бизнис со бандероли, дали за струмичка или друга фирма блиска до Заев?

Имено вчера беше потврдена информацијата која првично ја објави МКД.мк дека во владини кругови веќе подолго време се подготвува проект за јавно приватно партнерство за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра. На владина седница била усвоена и одлука во рок од 60 дена да се усогласат сите правни отворени прашања.

Ова е предлог на Владата, мој предлог, предлог на Економскиот совет, на економските министри, а не на поранешниот генерален секретар на Владата. Се работи за алатка за борба против сивата економија и даночната евазија. Се разбира системот ќе биде под контрола на Царинската управа. Проценката е дека во Македонија даночната евазија е 30 отсто. Проценката на ММФ е дека тој процент е 37 отсто или 1,4 милијарди евра. Тоа се пари кои мора да ги вратиме во буџетот. Се избегнуваат давачките за тутунот, на алкохолот… Трак енд трејсинг системoт ќе овозможи преку код да се следи секоја акцизна стока. За нафтата предвидени се нано честици во резервоарите со конечна цел државата да ги наплати сите пари и против нелојалната конкуренција. Предвидуваме трак едн трејсинг систем и за лековите иако тоа не е акцизна стока. Постојат приватни компании, мултинационални компании кои тоа го спроведуваат. Мора да ја спречиме акцизната евазија. Целта на овој систем е унапредување на борбата против сивата економија – рече Заев.

Според информациите, Царинската управа била против оваа новина, со оглед на тоа дека им се одземаат ингеренции. За Заев Царинската управа работи добро, но не е задоволен од тоа како таа се справува со сивата екониомија.

Иако, како што дознава МКД.мк од владини извори, повеќе државни институции се против овој проект (Царинската управа, МВР, Агенцијата за национална безбедност…), владините служби се упорни во тоа да се проба со вакво јавно приватно партнерство (ЈПП). Веќе се одржуваат работни средби на надлежните институции, направена е физибилити-студија, но проектот на Рашковски никако да добие благослов за следниот чекор. Еднаш овој проект веќе бил повлечен од владина седница.

Најголемиот противник на ваквиот проект, разбирливо, е Царинската управа. Ваквото ЈПП всушност значи одземање на надлежностите на царината и префрлање на дел од нив за акцизните стоки (цигари, алкохол, гориво…) на некоја приватна компанија. Прашањето е едноставно – зошто би влегувале во ваква авантура кога тоа го работи токму царината, а според сите извештаи тоа и успешно го прави. Информација за ова добила и Канцеларијата на ЕУ во Македонија за усогласеноста со правото и практиката на Европската Унија.

Во ноември и декември расправата за овој проект веќе забрзано се спроведува. Од актуелниот раководен состав на Генералниот секретаријат на Владата засега велат само дека тие не се запознаени со ова и дека е тоа дело на Рашковски. Рашковски пак тврди дека одговори на прашањата за овој проект треба да се барааат од новиот генерален секретар на Владата.

За ова молчат и од Министерството за финансии.

Она што се знае е дека на 30 ноември се одржала некаква координативна средба на која претставниците на Царинската управа уште еднаш кажале дека ова не е добра идеја. На состанокот присуствувале и претставници на Министерството за финансии и на Генералниот секретаријат.

Цариниците дале негативно мислење за почнување постапка за доделување договор за ЈПП за воспоставување интегриран систем за управување, мониторирање, следење и контрола на акцизни добра. Одговорот на Царинската управа е едноставен – нивниот систем за електронско управување и следење на акцизните добра функционира.

Царинската управа смета дека постапката за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство за воспоставување електронски систем за следење на акцизни добра (за што веќе е изработена и физибилити-студија) треба привремено да запре. За еден ваков проект неопходни се и промени во правната рамка за следење на тутунските производи и воспоставување законска основа за воведување систем за маркирање на горивата во Македонија.

Последните информации говорат дека и министерствата за здравство и за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања добиле задача да ги усогласат протоколите за елиминирање на нелегалната трговија со акцизните стоки. Ова значи дека проектот и натаму е во процедура, и покрај сите негативни мислења на дел од надлежните државни институции.

Пред само една година Рашковски имаше друг проект за ЈПП. Тогаш генералниот секретар на Владата за својот проект за итна хелокоптерска помош и спасување (Сархемс) изјави дека „ова е прво ремек-дело на Владата за граѓаните и тоа ќе ги чини 0 денари“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.