Дел од работниците-прогласени технолошки вишок од „Еурокомпозит“ денеска повторно беа на протест пред зградата на локалната самоуправа повторувајќи го барањето за конечно решавање на проблемот со оваа наменска фирма.

Пеце Велјаноски од Иницијативниот одбор на прогласените технолошки вишок од „Еурокомпозит“ упати апели и до Владата и до прилескиот градоначалник Илија Јованоски за средби со надлежните за решавање на долгогодишниот проблем со оваа наменска компанија.

Од пред општинската зграда во Прилеп сакаме да упатиме уште еден апел до Владата, посебно до премиерот, потсетувајќи на неговото ветување од пред 4 месеци од Парламентот дека ако не се најде купувач за „Еурокомпозит“, дека Владата со закон ќе одобри 3 милиона евра за конечно да се реши долгогодишниот проблем на оваа државна фирма и последен загубар. Ова ни го вети премиерот и при нашите средби. Упатуваме и барање до прилепскиот градоначалник Илија Јованоски да закаже средба со релевантните фактори, мислиме на премиерот, вицепремиерот, со прилепските пратеници од позицијата и од опозицијата, од гранскиот синдикат и да се изнајде решение за фирмата бидејќи е и проблем на градот, рече Велјаноски.

Цветан Бунтески од Иницијативниот одбор упатува апел и до колегите кои заминаа технолошки вишок кои не доаѓаат на заедничкиот протест, туку од 150-ина, се само 50-ина работници.

Од понеделник планираме со шатори да бидеме пред Владата до конечното решавање на проблемот, вели Бунтески.

Од прилепски „Еурокомпозит“ за технолошки вишок се прогласени 154-ица работници кои очекуваат исплата на отпремнини по околу 100.000 денари, а на работа во фирмата се 60-ина работници. Сите заедно бараат и исплата на заостанатите плати и придонесите за шест и пол години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.