За време на полицискиот час којшто во сабота и недела ќе почнува од 16 часот и ќе трае до пет часот следното утро производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени, соопштија од Владата.

Согласно заклучокот од дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб на Владата работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење на сменска и ноќна работа. Тоа се истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица на компанијата, се вели во соопштението на Владата.

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.
Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР.

Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економија, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје.

Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките, додаваат од Владата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.