Македонија е земја со одлична деловна клима каде компаниите имаат можност за долгорочно планирање и развој на инвестициите, е заклучокот од состанокот на премиерот Зоран Заев со главниот извршен директор на „Филип Морис интернешанал“, Јацек Олчак.
Ова е прва посета на Олчак на Македонија, каде оваа мултинационална компанија има партнерски однос со „Тутунски Комбинат“ – Прилеп во заедничка компанија.
На средбата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министрите за финансии, Фатмир Бесими, за земјоделство Арјанит Хоџа и за здравство Венко Филипче, како и раководството на „Тутунски Комбинат“ – Прилеп.
Премиерот Заев истакна дека оваа прва официјална посета на генералниот извршен директор на „Филип Морис Интернешанал“ е само потврда дека глобалните компании ја препознаваат Македонија како сигурен партнер за своите инвестиции. Додаде дека, бизнис климата во земјава овозможува фер услови за сите компании што сакаат да вложуваат и вработуваат млади луѓе.
На средбата премиерот Заев, рече дека токму инвестицијата на „Филип Морис“ и стратешкото партнерство со „Тутунски Комбинат“ – Прилеп, покажува како посветените компании имаат резултати кога во земјата има услови за развој.
Главниот извршен директор на „Филип Морис Интернешанал“, Јацек Олчак истакна дека „Филип Морис Интернешанал“ е задоволен од тоа како се одвива соработката со Владата и раководството на „Тутунски Комбинат“ – Прилеп. На средбата се разговараше за процесот на трансформација на „Филип Морис Интернешанал“ во глобални рамки каде во 2016 година, компанијата изјави дека се преориентира кон производство на помалку штетни алтернативи.
Олчак истакна дека „Тутунскиот Комбинат“ – Прилеп и Македонија може да имаат улога во овој процес на трансформација и притоа додаде дека компанијата има храбра визија за свет без тутунски чад и дека со проактивност можни се големи промени и можен е развој.
Олчак додаде дека последната иницијатива за отварање на Центарот за грижа за корисници во земјава покажува ширење на дејностите на самата компанија каде се потребни млади и едуцирани кадри. Центарот започна со работа во Скопје и оттука ќе се води грижа за корисниците на новите иновативни производи на компанијата во Македонија, но и на 4 други земји во регионот, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Во изминатите години „Филип Морис Интернешанал“ заедно со „Тутунски Комбинат“ – Прилеп успеаја да креираат ефикасна и профитабилна заедничка компанија којашто постави нови стандарди и во Македонија.
Од страната на Филип Морис, покрај главниот извршен директор беа присутни и Марко Мариоти, претседател за Источна Европа во рамки на Филип Морис, Александар Јаковљевиќ, генерален директор на ЈИЕ, Иван Костиќ, генерален директор на „Филип Морис Тутунски Комбинат“ – Прилеп (ФМТКП) ДОО Скопје, како и други високи претставници на компанијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.