Со посни полнети пиперки денеска протестираа штипските пензионери на Градскиот плоштад „Слобада”. Порачаа дека покачувањето од 600 денари е игра со нивните чувства. Додаваат дека за сопствените пари за кои работеле по 40 години денеска мора да бидат на улица. Соња Арсовска координатор на Иницијативниот одбор за протести вели дека со ова покачување не може да се преживее месецот, мора да бираат дали ќе купат храна и лекови, или ќе платат сметки.

Видовме како си поиграа со нашите чувства и ни покачија по 600 денари. Со која свест и душа, Тренчевска дали вие имате жал? Погледнете ги овие напатни пенизонери, со нарушено здравје, да се влечкаме, да доаѓаме и да протестираме за нашите пари. Тоа се наши пари, одвоени од нашите грбови, работевме по 40 години, а вие нашите пари не ни ги давате, вели Арсовска.

Пензионерите остануваат со истите барања, линеарно покачување на пензиите и услогласување на минималните пензии. Најавија и дека протестите продолжуваат и ќе се радикализираат.

Се знае по којзнае колкупати кажавме 5000 денари линеарно и минимална пензија од 18000 денари, рече Арсовска.

Штипските пензионери повикаа и на масовност на протестите, бидејќи какошто велат само на тој начин може да се изборат за исполнување на барањата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.