Поранешни вработени во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ денеска пред локалната самоуправа протестираа и бараа решавање на нивните проблеми кои, како што велат, со години се одложуваат.

Меѓу барањата се исплата на придонесите за 6,5 години во вкупна висина од 2,5 до 3 милиона евра, иако за тоа, потенцираа, Парламентот има донесено Закон, а Владата Одлука.

На последната средба со вицепремиерот Битиќи им било речено дека годинава во Буџетот нема пари за таа намена, но дека тој ќе се залага да влезат во Буџетот за 2022-ра.

Средбата беше во ред, но добивме само ново ветување кое не се знае дали ќе биде. Иако за исплатата има донесено закон во собранието и одлука од април на владата. Битиќи ни рече дека сега нема пари поради ковид ситуацијата и трошоците, но дека ќе се залагал да влеземе во буџетот за наредната, 2022 година. Тоа ќе се знае околу 15 ноември. Ние имаме побарувања за придонесите за 6,5 години. А ниту во фабриката не е подобро, таму нема ниту чуварска ниту полициска служба, вели Цветан Бунтески, член на Иницијативниот одбор на поранешните вработени во „Еурокомпози“.

Според Пеце Велјаноски, загубиле верба дека нешто ќе се реши со „Еурокомпозит“

Имаме нова најава и ново ветување. Не може да си ги добиеме парите за придонесите. без нив сега имаме пензија од околу 11 000 денари, а со нив би било околу 13 000 денари. Битиќи рече дека е тоа жалосно, но вели дека ќе се настојува да се реши. Нема ништо ниту за фабриката. Порано се споменуваа можни инвеститори, сега ништо. Не знаеме што да правиме, изјави Велјаноски.

Прилепската наменска фарика „Еурокомпозит“ повеќе од една година не работи. Сега нема ниту чуварска служба, ниту полиција која ја обезбедуваше.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.