Претседателот на Владата,Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче денеска присуствуваа на настан за одбележување на Денот на рударите и јубилејот 40 години постоење на рудникот Бучим и 15 години Бучим како дел од меѓународната компанија Солвеј.
Премиерот Заев го честиташе Денот на рударите.
Рудар значи храброст. Храброст која не познава граници на издржливост и поместува планини и во буквална смисла на зборот.
Денеска на овој убав христијански празник Успение на Пресвета Богородица оддаваме почит на трудот и макотрпната работа на нашите работници во рударскиот сектор.
Рударството е еден од темелите на нашата економија и заедно со придружните дејности што го опслужуваат овој сектор вработува околу 10.000 луѓе и учествува со 8.9% во вкупното индустриско производство.
Рударството претставува една од најстарите човечки дејности и потекнува уште од праисториско време. Оваа стопанско – индустриска гранка денес има клучна улога во обезбедување на основните суровини и енергенси за производство во индустријата, градежништвото, електростопанството, сообраќајот и комуникациите.
Оттаму јасно колкаво големо значење има во развојот на современите општества и економии, рече Заев.
Тој истакна дека „рударството ќе остане да биде стратешка гранка којашто понатаму ќе ја развиваме“.
Министерството за економија работи на унапредување на законската регулатива, но и на подзаконските акти од областа на геологијата и рударството, а долгорочна цел е да ги надградиме техничките нормативи и стандардите во оваа област. Продолжуваме заедно да работиме на унапредување и развој на рударскиот сектор во Република Македонија како важен сегмент во напорите да изградиме силна економија којашто ќе отвора шанси за сите!, подвлече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.