Директно oд Струмица во нашата редакција пристигна барање за извинување и јавно повлекување на текстот „Прв дел: Заев и Анѓушев дел од криминал вреден 200 милиони евра – заедно со Руси!“ преземен од порталот Лидер, потпишано лично од премиерот во заминување Зоран Заев.
Иако текстот е преземен од друг портал со наведен извор, професионално го објавуваме барањето за извинување и јавно повлекување на текстот објавен на порталот Лидер иако текстот нема за цел да навреди некого лично ниту пак да наштети на нечиј углед.
Бидејќи се работи за истражување спроведено од новинари од друга редакција, кое е изворно пренесено на нашиот портал „Република“, и одговорот на барањето од Лидер го пренесуваме во целост.
„Електраната ТЕ-ТО е основана од македонската компанија „Топлификација“ во партнерство со „Битер холдинг“ од Кипар, чијшто сопственик е рускиот олигарх Леонид Лебедев. Во 2018, таа е прва на листата по остварена добивка од дури 120 милиони евра, но симптоматично, во истата година најпрофитната компанија во државава отиде во стечај.“
За ова од летото 2018 година, значи година и пол, во континуитет пишувале и пишуваат повеќе медиуми, а сведочат и акционерите на а.д. „Топлификација“, за што, премиере, сигурно сте веќе информиран.
Во поднасловот „Како е вмешан премиерот Заев“ со принтскрин од одлуката на Владата од 160 седница одржана на 22 октомври 2019 година е поткрепено нашето тврдење дека ја преземате обврската да потпишете одлука со која државата ќе додели државна помош за компанијата ТЕ-ТО, односно државата да ѝ го прости данокот на добивка од преку 20 милиони евра, кој треба да се слее во Буџетот.
Оттука, не наоѓаме за потребно да се извиниме или пак да го повлечеме текстот, особено што на оваа тема, повторно, пишувале и пишуваат и други медиуми.
Дали премиерот во духот на владините заложби за слобода на медиумите побарал или ќе побара од сите медиуми да ја повлечат веста и да му се извинат што потпишува државна помош за компанија која е под истрага за перење пари? Дали фактот дека премиерот потпишал документ со кој директно е оштетен Буџетот на Република Македонија ќе се смени ако ние се извиниме? Не, премиере. Душата ве боли од вистината, а како што самиот рековте на трибината во „Борис Трајковски“, вистина не се купува, вистината се живее. А ако не можете да живеете со вистината, имате можност до 3 јануари да размислите што потпишувате, стои во одговорот на барањето упатено од премиерот во заминување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.