Од 1 октомври наваму павилјонот на Македонија на Дубаи Експо 2020 го посетиле преку 50.000 посетители. На најголемиот светскиот настан за оваа година земјата се претставува со слоганот „Дом на секој чекор“, а под мотото „Нови можности“.
Деновиве на Дубаи Експо е можне раздвижено, и покрај ковид пандемијата и строгите мерки за влез во Обединетите Арапски Емирати, многу туристи и посетители одат да ги видат павилјоните на земјите претставени на овој настан што се одржува еднаш на десет години и на којшто се презентираат иновативни идеи за технолошки развој, одржливост, бизнис можности, културни и традиоционални вредности.
Светското Експо веќе 170 години претставува платформа за прикажување на најголемите светски иновации. Експо 2020 ја продолжи таа традиција така што голем дел од земјите застапени таму ги презентираат своите најнови технолошки достигнувања.
Оваа манифестација требаше да се одржи минатата година, но поради пандемијата е одложена за оваа година, но домаќините, сепак, го задржаа името како Дубаи Експо 2020. Манифестацијата започна на 1 октомври и ќе трае до 31 март, а претставени се 192 земји. Секојдневно на Дубаи Експо 2020 (expo2020dubai.com) се одржуваат бројни манифестации, а земјите имаат и свој национален ден кога ги претставуваат своите можности.
Дубаи Експо 2020 е сместено на површина од 438 хектари и е лоциран помеѓу градовите Дубаи и Абу Даби, во близина на јужната граница на Дубаи со Абу Даби. Павилјоните се поставени околу централниот плоштад, насловен како Ал Васл, ограден со објекти од трите големи тематски области. Секоја од нив е посветена на една од поттемите на Експо 2020 – Можност, мобилност и одржливост. Локалитетот има центар за итни случаи кој вклучува соба за изолација, соба за итна медицинска помош, амбулантни возила и хеликоптери.
Павилјонот на Република Македонија е отворен со поддршка на домаќинот Обединетите Арапски Емирати, а посетителите имаат уникатна можност директно да се запознаат со културата и традицијата на нашата држава, како и со природните богатства и туристичкиот потенцијал. Изложени се теракоти, артефакти, традиционални носии, промотивни материјали и видео презентации на Македонија.
Посебен фокус е ставен на можностите за економска и трговска соработка, како и инвестицискиот и бизнис потенцијал на земјава, поради што поставени се и дополнителни информативни панели за слободните економски зони, иновациите, земјоделството, енергетиката и туризмот.
Придобивките од учеството на Македонија на Дубаи Експо 2020 се бројни, од подигнување на видливоста на земјава во регионот на Блискиот Исток и во светски рамки, зголемување на бројот на странски туристи, креирање мрежа на бизнис контакти и можности за зголемување на економската соработка.
Се работи на економска, но и севкупна промоција на земјата на Дубаи Експо 2020
Генералниот комесар за Дубаи Експо 2020 Бекри Ајдини во изјава за МИА вели дека Република Македонија учествува со својот павилјон на оваа светска манифестација под мотото „Дом на секој чекор“ и со тоа сака да даде добар симбол и објаснување дека земјата е отворена за сите заедници кои живеат таму и посетители и туристи кои сакаат да ја посетат Македонија.
Исто така даваме добра порака за сите посетители да се чувствуваат како дома. Во павилјонот од 380 квадрати, 200 квадрати се изложба. Генерално се претставуваме на економски план. Околу 75 отсто од целиот павилјон го покриваме делот на економијата, претставувањето на странските инвестиции, субвенциите кои ги дава државата, планот за економскиот развој, делот за енергетиката, но генерално и во делот турзимот и нашите потенцијали. Освен тоа ја презентираме Република Македонија како држава каде живеат во кохабитација различни етнички групи, различни религии и исто така го покажуваме нашиот историски дел, богатата култура, богатите споменици. Исто така во павилјонот донесовме две препарирани животни, балканскиот рис и златен орел, кои се карактеристични за нашиот регион и кои станаа атракција бидејќи се многу блиски до локалните луѓе во Емиратите и исто така се преознатливи за нив. Исто така посетителите можат да видат и етнички носии кои се исто така карактеристични кои ја претставуваат културата и традицијата во нашата земја – вели Ајдини.
Тој потенцира дека, генерално, се фокусирани на туризмот, а Република Македонија е позната туристичка дестинација во сите четири сезони за рзлика од Дубаи каде не е таков случај.
Затоа го претставуваме Охридското езеро и нашиот летен туризам, зимскиот Попова Шапка, како идна дестинација за туристи и Маврово, ски центарот итн, но и другите сезонски туристички дестинации – изјави Ајдини.
Македонскиот павилјон на Дубаи Експо 2020 го посетиле преку 50.000 посетители од целиот свет. Според Ајдини, тоа е показател дека сме интересна и атрактивна дестинација.
Од почнувањето на Експо 2020 имаме многу посетители што за нас е показател дека сме интересна и атрактивна дестинација, Во овој дел имаме рекорден број посетители блиску 5000 односно 4420 посетители. Исто така во работни денови има околу 2500 посетители додека за викенди таа бројка стасува преку 4000. Генерално за овие 40 дена имаме над 50.000 посетители. Се трудиме да ја претставиме нашата земја таква каква што е со сите убавини и богатства и сме среќни бидејќи имаме голем успех – истакнува тој.
ДубаиЕкспо2020 трае шест месеци од 1 октомври до 1 април 2021 година. Нашиот национален ден е на 22 февруари 2022 година, кога таму се очекува присуство на највисокото државо раководство. Тогаш ќе се одржи и бизнис конференција, но и културна презентација со настап на наши ансамбли и изложба во нашиот павилјон.
Ајдини потенцира дека истовремено се работи многу со стопанските комори и оти во Дубаи се покануваат да дојдат и да го посетат нашиот павилјон, како и да ги претстават своите проекти, капацитети и производство. Има бизнисмени, вели тој, што веќе соработуваат со тамошни компании и од Блискиот Исток, но ова е можност нивниот број да се зголеми. Ајдини најавува дека до крајот на март ќе има две до три активности на нашиот павилјон месечно, но и на самото Експо.
Нашиот амбасадор во Обединетите Арапски Емирати Абдулкадар Мемеди во изјава за МИА потенцира дека Република Македонија и Обединетите Арапски Емирати традиционално негуваат блиски пријателски односи кои ги карактеризира взаемна почит и разбирање како на билатерален така и на меѓународен план.
Факт е дека во последните неколку години односите помеѓу нашите две држави бележат нагоре позитивен тренд особено што од отворањето на нашата амабасада, која е една од единствените резидентните амабасади на Блискиот исток, во последните две години бележиме еден интензивен дијалог на двете влади на високо и највисоко ниво, во последните неколку месеци од почетното отворање постпандемијата, успеавме во нашата агенда да предвидиме неколку посети на високо ниво, а неколку од нив се историски посети, почнувјќи од посетата на министерот за надворешни работи, на ниво на министри за економија и на министри за култура, потпретседатели на Влада, исто така ја реализиравме и првата посета исто така историска на прв претседател на Собранието на ОАЕ. Воедно, имаме потврдена посета и на највисоко државно од претседателот на Република Македонија, како и посебен настан кој што е одреден на 22 и 23 февруари, Национален ден на РСМ во рамките на Експо со учество на претседателот на Владата и со висока владина делегација. Тој ден ќе биде ден на РСМ во ОАЕ и на Дубаи Експо – изјави амбасадорот.
Македонската амбасада во Емиратите и Мемеди ги покриваат соседните земји Саудиска Арабија, Судан, Бахреин, Кувајт односно земјите од заливот. Амбасадорот посочува дека двата региони имаат различности, но и дека имаат одредени сличности и имаме многу заеднички теми и се поддржуваме на билатерално и на меѓународно ниво.
Пред се, би сакала да потенцирам дека нашиот регион е во приоритетите на соработката на ОАЕ во нивната идна стратегија за следните 50 години. На 2 декември тие ја прославуваат нивната државност 50 години и во нивните планови во следните 50 години, нашиот регион зазема едно од централните места. Еве наша шанса и наша можност да бидеме присутни и преку Дубаи Експо и преку наши билатерални програми со наши можности за економска соработка, инвестиции, туризам итн – потенцира македонскиот амбасадор во ОАЕ Мемеди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.