Дури 11 милиони евра за период од половина година државните институци дале за договори во четири очи, без објавување на оглас.

Ова го покажал Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2020 година.

Клучните наоди од мониторингот на Центарот за граѓански комуникации го покажуваат следново.

Институциите не се консултираат со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во мониторираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4 отсто од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти.

Во мониторираниот период, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15 отсто повеќе од истиот период претходната година.

На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година.

’Најниската цена‘ е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 отсто од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година. Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот ’најниска цена‘ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.

Електронската аукција е користена во дури 92 отсто од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки.

Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.

На локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост, се вели во соопштението од Центарот за граѓански комуникации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.