Сите предмети поднесени за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост во 2018, 2019, 2020 граѓаните можат да ги следат до која фаза на решавање се на порталот privatizacija.finance.gov.mk. Станува збор за околу 11.500 предмети поднесени во овој период.

Постапката за користење е многу едноставна. Потребен е архивскиот број на предметот, кога и во кое подрачно одделение е поднесен, како и катастарска парцела и катастарска општина за кои се однесува барањето. Доколку барателот не ја знае катастарската парцела и општина, доволно е само да го внесе својот матичен број или даночен број во случај на правно лице. Софтверот потоа на е-маилот на барателот, доставува податоци во која фаза на решавање е предметот, односно дали е решен.

На овој начин, граѓаните и фирмите на брз и едноставен начин можат да се информираат на платформата, преку својот паметен уред, без да доаѓаат во подрачните единици на Управата за имотно правни работи.

Изминатата година, Управата за имотно правни работи реши над 7.000 предмети за приватизација. Истовремено се поднесуваат и нови барања. Рокот за поднесување на барање за приватизација на државно земјиште е заклучно 31 декември 2021.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.