Ако останевме на стариот модел од претходната Влада, пензионерите ќе добиеја зголемување од само 400 денари, а ние за цела следна година ќе даваме околу 10.000 денари повеќе или околу 850 денари месечно, изјави денеска премиерот во заминување Зоран Заев пред претставниците на здруженијата на пензионерите, објаснувајќи ги мерките за поголеми пензии.

На средбата во Сојузот на пензионерите, на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот во заминување истакна дека покачувањето на пензиите е најавено уште во април оваа година, кога стана јасно дека економските мерки даваат резултати и дека приходите растат што овозможи Буџетот за 2020 година да биде посветен на човечкиот капитал и на грижата за пензионерите.

И тоа не е симболично покачување. Напротив. Од јануари во 2020 година просечната пензија со предвиденото покачување ќе изнесува околу 15.500 денари. Владата за 2020 година предвиде покачување од 700 денари и дополнително усогласување од околу 200 денари, што значи дека пензиите ќе пораснат за околу 900 денари, рече премиерот во заминување Заев.

Во своето обраќање пред пензионерите, премиерот соопшти дека во Владата се прават анализи за подобрување и осовременување на системот на пензионерските и домовите за возрасни лица со вклучување на економски мерки, односно субвенции за инвестициите кои ќе вклучат грижа и поволни услови за изградба на домови за пензионерите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.