Македонска национална асоцијација за франшиза (МАКФРАН) се обраќа до јавноста и надлежните авторитети со цел да информира и предупреди на одредени состојби поради кои последиците за малопродажниот сектор во државата може да бидат катастрофални. Нивното обраќање потпишано од претседателката д-р Вера Бошковска го објавуваме во целост:

Мерките за управување со кризи за превенција и справување со појавата и ширењето на Коронавирусот COVID-19 на територијата на Република Македонија и одлуката да се затворат за посетители сите продавници во затворените трговски центри на територијата на Република Македонија, донесена на 14-ти март 2020 година (за што, со оглед на околностите, се има целосно разбирање и должно почитување и примена), има директно влијание на ликвидноста на работењето на компаниите коишто вршат дејност трговија на мало со текстилни производи, обувки односно, специјализирани брендирани продавници или франшизни продавници.

Секторот малопродажба во овој момент обединува компании кои имаат околу 8.000 активно вработени лица, чијашто егзистенција веќе е извесно дека ќе биде доведена во прашање доколку на засегнатите компании не им се обезбеди помош преку соодветни итни економски мерки од страна на Владата на Република  Македонија.

Посочуваме дека од страна на Владата и надлежните ресорни министерства сѐ уште не се понудени сет мерки за помош и справување со кризната ситуација за наведениот сектор.

Во напреднаведениот контекст, сметаме дека е од исклучителна важност да се слушне мислењето и проблемите со кои се соочува малопродажниот сектор и нужно и најитно можно да се донесат сет економски мерки кои ќе помогнат за справување со кризата и претрпените загуби со кои споменатите компании се соочуваат веќе две недели, со веројатна извесност дека предметната ситуација ќе продолжи и во периодот кој следува.

Потребно е сите заедно да ги разгледаме проблематиките со кои се соочува секторот Малопродажба на текстил, обувки и спортски брендирани трговски марки, кој е најголемиот носител на франшизи коишто функционираат долги години и помагаат во економскиот раст и развој на Република Македонија.

Само во Скопје егзистираат повеќе од 300 специјализирани продавници на текстилни и спортски модни марки, вклучувајќи ги и модните марки за обувки. Паричните текови реализирани преку малопродажбата ќе изостанат со што се намалуваат и приливите во државниот буџет по основ на даноци.

Македонската национална асоцијација за франшиза е во постојан контакт со компаниите кои управуваат со брендовите.

Функционирањето на франшизните продавници е од комплексен тип и вклучува менаџирање на брендовите според правилата на давателите на франшиза, каде се строго дефинирани позиции за волумен на нарачки на колекции, кои се пак сезонски и наменети за одреден временски период, а неактивноста на продавниците ќе имплицира комплетната набавка за пролетната сезона да остане непродадена како резултат на актуелната ситуација и неактивноста на продавниците.

Многу од овие продавници се спречени да ја обавуваат дејноста како резултат на мерките за криза и превенција со што директно е загрозен и работниот однос на преку 7.500 вработени и функционирањето на повеќето франшизи присутни во Македонија.

Сите ние, кои сме во малопродажба на брендови, мали и големи, сме пред најголемата финансиска криза во нашата историја на постоење. Упатуваме апел до почитуваните министри кои се одговорни за финансии и економија, да ги разгледаат нашите барања за сет мерките кои би се донеле. Со неработењето на продавниците имаме проблеми со ликвидноста, зголемување на корпоративните долгувања, неможноста за исплата на плати и придонеси, неплаќање на јавни и царински давачки, како и неможноста за исплата на камати и кредити. Исто така имаме проблем и за сервисирање на трошоците кон домашните трговски центри и домашни добавувачи на стоки и услуги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.