Само два месеци пред затворањето на Еуростандард банка гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска јавно нѐ уверуваше, а нѐ лажеше, дека депозитите ни се безбедни и дека не треба воопшто да постои никаква наша грижа. Ниту Народна банка вршела соодветни теренски и вонтеренски контроли над работењето во Еуростандард банка, ниту оценувала кредитни ризици и како банката управувала со нив. Ако било така, тогаш немаше да има повеќе од половина фирми од портфолиото на банката или 73 отсто ненаплатливи или тешко наплатливи кредити, најголем дел од нив со залог од обични меници или со никакви обезбедувања преку кои се одлеале околу 55 милиони евра во туѓи џебови, се вели во денешното соопштение на здруѓението на оштетени штедачи на Еуростандард банка Правда за штедачи.

Управата за финансиско разузнување објави дека сомнителни трансакции за перење пари од Еуростандард банка се евидентирани уште во 2017 година, за да многукратно се зголемат наредните години. Се вршеле трансакции и на оф-шор сметки преку Еуростандард банка. И ништо не е преземено за да се спречи на време. Доказ за тоа е и кривичната пријава за перење пари и други приноси од казниво дело против високото раководство на Еуростандард банка поднесена по службена должност од Народна банка дури два месеци по затворањето на банката минатата година. Зошто оваа кривична пријава за перење пари не е поднесена уште во 2017 година кога добро се знаело што се случува во банката? Зошто се молчело и толерирало со години? Какви придобивки има гувернерката Бежоска и високите претставници од Народна банка за таквото нивно противзаконито, коруптивно работење за кое сите институции сѐ уште упорно молчат?

Со месеци се тврдеше јавно и од главниот акционер на банката Трифун Костовски и од гувернерката Бежоска дека докапитализацијата на Еуростандард банка од 11 милиони евра во 2019 година е направена со сопствени средства од акционерите на банката. А на 26 февруари годинава, Трифун Костовски јавно објави дека докапитализацијата од 10 милиони евра, а не 11 милиони евра, е всушност направена со кредит за којшто е даден залог од 3 милиони евра, пари земени од депозитите во банката и префрлени на посебна сметка во Комерцијална банка, од каде бил земен кредитот. И откако парите од кредитот не биле вратени, тој залог е земен од Комерцијална банка. Трифун Костовски јавно призна дека направил кривично дело со злоупотреба на парите од депозитите на граѓаните и фирмите искористени за докапитализација на банката, тврдејќи дека на потпишувањето на таквиот криминален договор за кредит, меѓу другите, биле присутни и високи претставници од Народна банка. Потврдата дека е направен таков договор јавно стигна и од Комерцијална банка еден ден пред изјавата на Трифун Костовски. И покрај нашите континуирани залагања да добиеме одговор од Народна банка како е можно тие присуствуваат и да го дозволат таквиот криминален чин како сосема нормална појава, а потоа да тврдат дека се било направено согласно сите процедури и можности за спас на банката пред нејзиното затворање, гувернерката Бежоска и понатаму одбегнува да даде изјава. Истото прашање го поставивме и до претседателот Стево Пендаровски, во чија надлежност е гувернерката Бежоска, и очекуваме ова прашање да биде разрешено. Не само заради сторениот криминал во Еуростандард банка, туку и воопшто заради начинот на работење и функционирање на гувернерката Бежоска и првите луѓе од Народна банка.

Во минатиот период утврдивме и јавно објавивме мноштво злоупотреби и проневери од фирмите преку кои се покрале и испрале парите од нашите депозити, а кои биле клиенти на банката. Уште еден показател дека Народна банка соучествувала во криминалот е што и покрај сите достапни информации и видливи материјали за злоупотреби и проневери во Еуростандард банка, со години ништо не е преземено тоа да се спречи.

Очекуваме час поскоро криминалците и сите нивни помошници и соработници да бидат изнесени пред лицето на правдата и да одговараат за нивните криминални и коруптивни активности во грабежот на депозитите од Еуростандард банка. Доказите се кај Финансиската полиција и во Основното јавно обнинителство за гонење на организиран криминал и корупција. А водечките криминалци се добро познати – високото раководство во управниот, кредитниот и надзорниот одбор на Еуростандард банка, гувернерката Бежоска и првиот тим од Народна банка и сопствениците на фирмите должници на ненаплатливите и тешко наплатливи кредити преку кои свесно и плански се „позајмиле“ и понатаму поделиле парите на над 3.000 семејства“, соопшти здружението Правда за штедачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.