Законот за исплата на плати за работниците е заглавен во Собранието. Платите за февруари и март кои ги субвенционира државата, остануваат во заложништво на инаетот на политичарите, кои наместо да итно да ги изгласаат законите, намерно го кочат Парламентот, објави Алфа.

По неколку дена молк од Собранието, спикерот Талат Џафери рече дека Законот за финансиска поддршка на фирмите за исплата на плати е закажан за 23 март. Во прашање бил и Деловникот за работа.

Ако пратениците не смогнат сили и час поскоро не ги изгласаат законите од кои зависи лебот на стотици граѓани, добар дел од фирмите нема да можат да им исплатат плати на работниците кои ја чекаат државната помош од петтиот сет економски мерки.

Десет од вкупно 29 мерки опфатени во петтиот сет економски мерки ќе треба да бидат преточени во законски решенија и изгласани од пратениците за да бидат достапни на стопанството. Досега Владата до законодавниот дом испратила само еден предлог закон за финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март како приоритетна мерка за компаниите.

Власта е оптимист дека мерките ќе бидат навремено донесени од Парламентот, иако последниве недели Собранието мака мачи да обезбеди кворум поради отсуство на пратеници. Од друга страна синдикатите, стопанските комори, работодавачите со душа ја чекаат државната помош, зашто секое доцнење се одразува негативно на економијата, која и онака е на стаклени нозе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.