Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, денеска ги потпиша договорите со претставниците на осумте плански региони во земјава со кои се доделува финансиска поддршка за нивен развој во областа на земјоделството и руралниот развој.
Вкупниот буџет за годинава за оваа намена за реализација на проекти изнесува 25 милиони денари, средства од МЗШВ. Со овие средства се опфатени 20 општини и ќе се финансира реконструкција на 29 локални патишта, што, како што информира министерот Хоџа претставува најголем број проекти од како постои имплементацијата на програмата.
Рамномерниот развој на целата територија на нашата држава во сите региони подеднакво е една од нашите цели за подобрување на економијата особено во руралните средини. Нашата цел е континуирано да се создаваат услови за развој на селата. Силните аграрни политики со фокус на младите нема да ги дадат резултатите доколку не ги подобриме условите. Има многу млади луѓе кои одбраа да останат во села и да продолжат да ја обработуваат земјата која им е дедовина аманет и наследство. Има многу фармери кои изнајмуваат земјиште ги развиваат своите аграрни проекти и придонесуваат за развој на земјоделството и подобрување на домашната економија, рече министерот по потпишувањето на договорите
Доделувањето на средствата за центрите за развој на планските региони, нагласи, е една од мерките која овозможува регионален развој и е поддршка за аграрните политики за развој на нашите села.
Потпишувањето на договорите за финансирање на проекти за подобрување до пристапот до обработливо површини во подрачјата со интензивна земјоделска активност е овозможено преку програмата за капитални субвенции. Проектите за финансирање се одбираат согласно дефинирани критериуми во програмите, а новина е што по препорака на проектот за одржлив инклузивен рамномерен регионален развој планските региони се бодуваат по степенот на развиеност. Општините кои се најслабо развиени, добиваат најмногу бодови. На овој начин ќе овозможиме овие региони кои заостануваат во развојот да можат да им се придружат на другите и наскоро сите осум да можат да продолжат од иста стратна позиција – рече министерот Хоџа.
Тој е уверен дека реализацијата на проектите ќе придонесе кон поттикнување на развој на општините и планските региони и отворање нови перспективи за граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.