Помпезно најавуваниот „викенд без ДДВ“, потона пред да започне. Имено, откако вчера министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма рече дека „викенд без ДДВ“ ќе има само еднаш до крајот на годинава, а дека не е планиран за следната година, паднаа во вода сите ветувања на владата дека преку овој проект повеќе пари ќе има за граѓаните, ќе се поттикне потрошувачката а со тоа и ќе се помогне на домашната економија.
Овој викенд без ДДВ е веќе планиран и најавен и не е планиран нов за годинава. За наредната година ќе видиме како ќе биде, вели Бесими.
Инаку овој проект беше подолго време најавуван од страна на владата на СДСМ и премиерот Зоран Заев и требаше да започне многу порано, но поради немањето на јасна стратегија проектот сега е дел од новиот четврти пакет на антикризни мерки.
За овој проект се огласи и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи законско решение само за еден викенд без ДДВ до крајот на годината, бидејќи бара четири викенди без ДДВ се со цел да им се помогне на граѓаните да ја надминат економската криза.
Тие законски решенија не се изработени и допрва треба да се изработуваат. Се уште не се влезени во Собраниска процедура. Еве јас ќе ви кажам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи законско решение каде што ќе имаме викенд без ДДВ помеѓу 10 и 12 октомври бидејќи на граѓаните им беше ветено дека ќе имаат најмалку 4 такви викенди во месец септември. Месец септември завршува, немаме повеќе викенда во месец септември, но тоа беше предизборно ветување. Добро во ред не ја говореле вистината, избори биле тогаш се обиделе на некој начин да ја изиграат волјата на граѓаните. Но еве сега завршија. Ние ќе предложиме тоа што е ветено да се исполни, односно бидејќи треба да претстојат измени во Законот за ДДВ наместо еден викенд да бидат 4 викенда, односно тоа што им беше ветено на граѓаните, вели Мицкоски во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Се очекува продолжениот викенд 10,11 и 12 да биде „викенд без ДДВ“, но останува да видиме дали и овој проект ќе се реализира после пет месечното најавување од страна на власта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.