Заклучно со 23:59 часот денеска може да се доставуваат пријави на првиот 48 часовен хакатон за намалување на сивата економија во е-трговија насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” што ќе се одржи онлајн, од петок,14 мај до недела, 16 мај. Сите заинтересирани студенти од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ може да се пријавуваат индивидуално или во тим. преку веб страницата: https://hackathon.ecommerce.mk/

Хакатонот го организира Асоцијацијата зе е-трговија на Македонија (АЕТМ), а предизвикот е „Како да се намали сивата економија во е-трговија?“. Поделен е на две категории: „Едуцирај и мотивирај“ поддржан од НЛБ Банка Скопје и „Детектирај и сузбиј“ поддржан од Касис АД Скопје.

Хакатонот се организира во соработка со Економскиот Факултет – Скопје, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ и Студентски парламент ФИНКИ и е наменет за студентите токму од овие два факултети, кои со заеднички интердисциплинарни знаења ќе развиваат концепти за дигитални решенија за борба против сивата економија во е-трговија. Победничките решенија, ќе бидат наградени со награден фонд од 3000 евра, кои ќе им послужат за успешна имплементација на победничките предлог решенија.

Поттикнати од фактот дека една од главните бариери за раст која ја посочуваат е-трговиците е токму нелојалната конкуренција која се создава преку сивата економија, од една страна, како и ниското ниво на свест и даночен морал од друга страна, во Програмата за работа за 2021 година на Асоцијацијата ставивме фокус токму на сивата економија во е-трговија. Преку овој настан, кој е од особено големо значење, горди сме што заедно со студентите од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ, ќе придонесеме за решавање на реален проблем и навистина многу значаен за регистрираните е-трговци. Преку хакатонот и процесот на работа во тимови, студентите не само што ќе придонесат во решавање на општествен проблем, туку и ќе добијат уникатен увид во врска со пазарот за е-трговија и ќе запознаат неверојатни соработници, ментори и потенцијални работодавци, велат од АЕТМ.

За студентите, укажуваат, овој хакатон претставува шанса не само да креираат решенија за намалување на сивата економија, туку и заеднички да соработуваат со бројни ментори кои доаѓаат од домашни компании и државни институции, да работат на реален општествен проблем и да поттикнат претприемачко размислување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.