Половина од угостителите нема да добијат државна помош бидејќи нивните бизниси не им се регистрирани соодветно. Од Независната угостителска комора велат дека Законот дозволува освен да се регистрира сместувачки капацитет, може во нивен состав да се регистрира и угостителски објект, како придружница. Но, со шестиот пакет мерки овие ресторани и кафе барови кои се придружници не можат да конкурираат за помош иако на три недели беа затворени со одлука на Владата. Обештетување од шестиот пакет мерки ќе добијат само оние угостителски објекти чија примарна дејност е угостителство, односно служење на храна и пијалоци, објави „Алсат“.
Нашиот повик или апел е сите кои биле затворени изминатиов период слободно да може да аплицираат за да имаме можност со владата да ја исправиме грешката која е направена со јавниот повик и сметам дека е од технички аспект. И онака како што беше најавено, шестиот пакет мерки ќе биде добредојден за сите угостители на кои им беше забрането да работат, рече Здравко Јосифовски претседател на НУК.
Јосифовски истакна дека ова барање уште утре ќе го достави до Владата се со цел угостителите да ја добијат ветената помош од државата. Во однос на работното време, Јосифовски вели дека ќе го почитуваат и натаму полицискиот час, но од кога Комисијата за заразни болести ќе реши дека таа мерка веќе не е потребна, тогаш угостителите ќе побараат да може да работат и во затворениот дел од објектите.
Од владата се децидни, олабавување на веќе донесените превентивни мерки зависи од состојбата со заразени од корона вирусот. Инаку, угостителството е едно од најпогодените сектори во оваа здравствено економска криза. На два пати од почетокот на пандемијата угостителскиот сектор беше повеќе неделно затворан, а неколку пати поради полицискиот час им беше намалувано времето за работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.