Преку 170 милиони евра ќе бидат инвестирани на државно и локално ниво во проекти за заштита на животната средина, што е еден од 10 приоритети што се дел од програмата „„Акција 21 – за европски стандарди дома!“, најавена од премиерот Зоран Заев.

Како што порача Заев за време на презентацијата на програмата, како власт планираат да се обврзат на силна и бескомпромисна борба за заштита на животната средина.

За 2021 година во Програмата за намалување на аерозагадувањето се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност, обновување на урбаното зеленило.

Во 2021 година ќе продолжи инвестирањето во замената на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси.

Од државниот буџет ќе се финансира со 70 милиони евра еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје и ќе продолжат субвенциите и имплементацијата на проектот инвертер клими за дополнителни 5000 домаќинства – соошти Заев.

Истовремено, Заев изјави дека се преземаат институционлани мерки за посериозно казнување на оние субјекти што ја загадуваат околината.

До 20 пати ги зголемивме казните за прекршоци во животната средина и воведовме 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, а преку вмрежување со локалните капацитети ги зајакнавме и нивните ингеренции. Првите резултати ги очекуваме уште во првото тромесечје од 2021 година.

Министерството за животна средина и просторно планирање работи на закон за формирање комунална полиција на локално ниво, со која досегашните комунални инспектори и екопатроли ќе можат заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности – соопшти Заев.

Тој најави дека идната година високо во приоритетите е да биде зголемен процентот на заштитени природни подрачја.

Оваа година почна постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, како и постапката за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа и на дел од Водно за заштитен предел.

Во 2021 година ќе продолжиме со постапката за Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја – порача Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.