Почна „Викендот без ДДВ“, мерката која предвидува граѓаните да добијат целосен поврат на платениот ДДВ за прометот што ќе го направат во овие три дена од продолжениот викенд. Повратот важи за купени домашни производи и услуги, како и компјутери и ИТ-опрема.
За тоа треба во рок од три дена од издавањето на сметката да ја скенира преку апликацијата Мој ДДВ, а парите ќе му бидат вратени на трансакциска сметка во рок од 15 дена.
Највисокиот износ за кој граѓаните би имале право на враќање на целиот износ на данок изнесува 30.000 денари вкупен промет регистриран во сите фискални сметки кои се издадени во овие денови. За прометот над 30.000 денари ќе важат воспоставените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето.
Засега околу 350.000 граѓани можат да ја користат оваа мерка. Тоа е бројката на регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки, но според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши, очекувањата се дека таа бројка очекуваат ќе се зголеми на 400.000 граѓани.
Проекциите на Владата се дека во овој продолжен викенд со мерката ќе се направи вкупен промет од 170 милиони евра.
В.Д. директорот на УЈП Фарук Омери, истакна дека во државава има на располагање голем асортиман домашни прозиводи почнувајќи од прехрана, текстил, облека, градежни материјали и друго, што значи има широка лепеза на проиводи и услуги и граѓаните може да ги направат потребните набавки и дека е ставен акцент на ИТ опремата, која независно од потеклото во фисаклните сметки ќе се регистрира како промет на македонски производи.
Тој апелираше дека за целосна реализација на оваа мерка сите трговци треба да ги означат македонските производи и услуги и компјутерска опрема, односно да ги разделат во фискалната сметки со цел непречено враќање на ДДВ.
Омери повика на примена на пропишаните протоколи од страна на трговците, и посочи дека на терен ќе бидат инспекторатите за да се спречат евентуални малверзации со покачени цени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.