Според последните официјални податоци на Евростат за првата половина од годинава жителите на Украина плаќаат најевтина струја во Европа, киловат-час ги чини Украинците 5,06 евроценти, најскап киловат- час плаќаат во Германија 31,93 и Данска 29 евроценти.

Минатата година, поради економската криза и затворањето на градовите и државите, беше одбележана со пад на цената на струјата низ Европа. Цените на киловатите во Германија, каде потрошувачите традиционално, заедно со Данска, плаќаат најскапа струја во Европа, во 2020 година се намалени на околу 30 евра за мегават-час, што е за седум евра пониско од 2019 година.

Причините за тоа се пониските трошоци за гориво минатата година, падот на побарувачката на електрична енергија како резултат на пандемијата и рекордната количина на електрична енергија произведена од обновливи извори.

Годинава ситуацијата е обратна, поради што и цената на струјата скокна. Покрај во Данска и Германија, струјата скапо ја плаќаат и домаќинствата во Белгија – 27,02 евроценти, Ирска – 25,55, Шпанија – 23,55, Италија – 23,59 евроценти.

Дека пазарот е променлив, потврдува и фактот што претходните години домаќинствата во Македонија и БиХ плаќаа помалку струја од граѓаните во Србија, но сега ситуацијата е обратна. Така, Македонците плаќаат 8,41 евроценти за киловат со даноци и давачки, граѓаните на БиХ 8,75, а албанските 9,33 евроценти.

Струјата е значително поскапа и во Црна Гора, односно изнесува 9,80 евроценти за киловат-час, во Хрватска 12,91 додека во Словенија е дури 16,62.

Експертите предупредуваат дека е јасно дека енергетската криза наскоро нема да престане, а поради нашата голема енергетска зависност (100% зависни од увоз на природен гас, нафта и нафтени деривати, како и голема – над 35% зависност од увоз на електрична енергија) последиците од енергетската криза кај нас се чуствуваат и ќе се чуствуваат во наредниот период.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.