Вкупно 324.479 граѓани добиваат домашни платежни картички, за потикнување на приватната потрошувачка и поддршка на македонските производи и услуги, соопштија денеска од СДСМ. Како што се вели во нивното соопштение, платежната картичка е дел од третиот пакет мерки на Владата, предводена од СДСМ, за која се обезбедени 28 милиони евра, со кои се поттикнува економската активност, за ревитализирање на македонската економија во услови на коронакризата.

Корисници на оваа картичка се приматели на социјална помош и невработени лица, кои активно бараат работа, а имаат нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април годинава. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.

Потоа, вработени со низок доход, кои за периодот јануари- април годинава оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време . Тие ќе добијат 3.000 денари еднократно.

Картичка во вредност од 3.000 денари добиваат и млади лица од 16 до 29 години, кои се активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

Домашна картичка ќе добијат и над 4.300 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19, со износ од 40 отсто од последната основна нето-плата, велат од СДСМ.

Потенцираат дека граѓаните што ги исполнуваат условите не треба да аплицираат за картичката, туку ќе можат да проверат дали се во системот со внесување на матичниот број на веб страната kupuvamdomasno.gov.mk, каде е назначено и од која банка ќе можат да ги добијат парите.

Банките започнуваат со издавање на домашните платежни картички уште оваа недела, а најдоцна треба да бидат издадени до 18 јули. Средствата на да домашните картички треба да се искористат најдоцна до 15 август.

Остануваме посветени на помош и поддршка на нашите граѓани, на помош и поддршка на нашата економија за сите аедно полесно и подрзо да се справиме со кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека овие картички СДСМ се класичен поткуп.

СДСМ не знае како да се справи со пандемијата и во државата се случува тотален хаос. Ниту знаат што да прават на здравствен, ниту на економски план. Се фалеа со економски мерки кои беа задоцнети и не беа од никаква помош бидејќи илјадници граѓани останаа беа примања.
Платежната картичка со која тие се фалат е класичен поткуп. Знаат дека ги очекува пораз па сега на овој начин се надеваат дека ќе купат некој глас.
ВМРО-ДПМНЕ апелира наместо на поткуп, власта во оваа време што и остана да се насочи на санирање на штетите од кризата за фирмите и за работниците.
ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Со СДСМ и Заев, добивме Хибриден режим неспособност, криминал и сиромаштија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.