Платнените торби се враќаат повторно при пазарување, а со цел да се дестимулира користењето на најлончињата, нивната цена по Нова година ќе изнесува најмалку 10 денари. Ова се предвидува со измените на неколкуте закони за управување за отпад во кој се допрецизира производството и дистрибуцијата на кесите за пазарење, што треба да стапат на сила в година.

Во Македонија годишно се употребуваат меѓу 120 и 150 милиони пластични кеси, а тоа се близу 2.000 тони пластика која најтешко се собира и останува на почвата како микропластика. Тоа е од 2 до 3 отсто од вкупниот отпад од пакување, но волуменски е многу.

Асоцијацијата за управување со отпад бара доследно спроведување на законите и имплементација на забелешките од бизнис заедницата.

Да се намали употребата на пластични кеси од страна на граѓаните. Иако во вкупната тежина на отпад од пластика кесите учествуваат во мал дел (3-5%), тие се најтешки за собирање и рециклирање и се најчест загадувач на земјата и водата. Предложената цена од 10 ден/кеса е во таа насока, но и оние кеси, кои ќе се наплаќаат мора да бидат навистина биоразградливи, а не само маркетиншки декларирани – велат од Асоцијацијата за управување со отпад.

Според податоците на Асоцијацијата, во моментот 95 проценти од домашниот смет, граѓаните го одлагаат во кеси од маркети или од пазар кои ги добиваат бесплатно или за нив плаќаат по денар или два.

Оттаму даваат поддршка на неколкуте нови закони што се носат кои се поврзани со селекција на отпадот и рециклирање.

До крајот на 2020 година, ние како колективи постапувачи, ќе собереме и однесеме на рециклирање над 35.000 тони отпад од пакување од вкупно околу 120.000 тони колку што се претпоставува дека се создава, и над 18 тони мали батерии од вкупно увезени 90 тони, над 1.500 тони акумулатори од вкупно 2.000 тони и над 2.000 тони ЕЕО од вкупно пуштени на пазарот 18.000 тони – потенцираат од Асоцијацијата.

Тие потенцираа дека постојат компании кои создаваат отпад, но не финансираат за негово селективно собирање и рециклирање.

Со тоа го прекршуваат законот, го оштетуваат буџетот на РМ, а дополнително ги ставаат во неповолна пазарна положба оние компании кои веќе плаќаат надомест. Дека бизнис секторот сериозно е подготвен да ги преземе обврските кои произлегуваат од новите закони, но инсистира и институциите доследно да ги извршат своите обврски кои се предвидени во законот. Еднакви услови за работа на сите компании, покажана општествена одговорност од компаниите и почитување на законите е нешто што се очекува од секоја компанија и од самите институции – нагласија од Асоцијацијата.

Оттаму бараат во новите законски решенија да се предвиди намалување на бројот на компании кои создаваат отпад од разни текови, а не плаќаат и не финансираат собирање и рециклирање на истиот.

Со ова, компаниите кои плаќаат се ставени во неповолна пазарна положба бидејќи имаат трошоци кои неплаќачите ги избегнуваат и екстра заработуваат или нудат цени кои се пониски, на сметка на избегнување на законските давачки. Со новото законско решение, сите компании заедно со завршната сметка треба да достават потврда – доказ дека финансирале собирање и селекција на отпадот кој го создале во текот на годината за која поднесуваат завршна сметка. Ова решение значајно ќе ги намали неплаќачите и ќе ја подобри конкурентноста меѓу компаниите – велат од Асоцијацијата.

Бараат да се оневозможи формирање шпекулативни колективни постапувачи со посебни текови отпад кои немаат за цел да организираат селекција на отпадот и рециклирање туку манипулирање со дел од индустријата и собирање финансиски средства за сосема други цели.

Да овозможи финансирање на реалните трошоци за селекција и рециклирање на сите типови отпад, нешто за што бизнис секторот е свесен дека треба да го финансира. Но, бараме и од локалните самоуправи да бидат поодговорни и отворени за соработка со цел да се зголеми селекцијата на отпад во секоја општина од земјава – нагласуваат од Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.