Пандемијата на Ковид-19 ја погоди македонската економија која трпи штети во повеќе сегменти. Една од гранките што трпи ефекти од кризата е менувачкиот пазар кој е еден од важните канали на пренос на шокови во македонската економија.

Анализа направена од Народната банка покажува дека од март до крајот на јуни понудата на девизи кај банките била намалена за безмалку 50 отсто, додека кај менувачниците граѓаните и фирмите побарале за дури 60 отсто помалку девизи од претходно. Тоа, пак, значи дека граѓаните ги чувале своите пари и не барале да купат девизи, ниту, пак, ги продавале девизите што ги поседуваат.

Ваквиот висок пад на понудата е некарактеристичен, бидејќи досегашните кризни епизоди се одразувале врз менувачкиот пазар преку засилено зголемување на побарувачката за девизи, додека поголеми приспособувања на страната на понудата немаше. Од друга страна, наспроти досегашната реакција на побарувачката при одредена нестабилност од политичка или економска природа, често проследени со шпекулации за стабилноста на банкарскиот систем и на домашната валута, тековната состојба предизвикана од пандемијата поради вирусот ковид-19 не доведе до зголемување на побарувачката на девизни средства на менувачкиот пазар – анализира Народната банка.

Во овој период, во споредба со истиот лани, побарувачката на девизи забележала пад од 30 проценти, што најмногу се должело на намалената побарувачка на девизни средства кај менувачниците. Од Народната банка велат дека причините за ваквата реакција на менувачкиот пазар се должи и на фактот што голем дел од приливите се резултат на дознаките од иселениците во готовина, коишто поради затворените граници и ограниченото движење, изостанале во овој период.

Според Светската банка глобалната криза предизвикана од вирусот ќе ги намали дознаките на светско ниво за околу 20 проценти, што би претставувало најдлабок пад во скорешната историја. Очекуваното синхронизирано намалување на економската активност кај поголем дел од земјите негативно влијае врз вработеноста и приходите на глобално ниво, а со тоа и врз расположливиот доход и врз можноста за праќање позначителен дел од доходот на иселениците назад во матичната економија во форма на официјални или неформални дознаки. Покрај ова, тековната состојба негативно се одразува и врз привремените работници во странство поради неможноста за патување и остварување работен однос во периодот на забрана на влез во земјите од ЕУ, коишто воедно се најчестиот пазар на труд за нашите привремени работници – стои во анализата.

Во трите досегашни поголеми кризи во земјава, безбедносната криза во 2001 година, светската економска криза 2008-2009 година и политичката криза во 2016 година имаше поголем притисок и побарувачка за девизи.

За тековната криза е својствено позначителното намалување на понудата, додека притисоците на страната на побарувачката изостануваат, а истовремено менувачите се попогоден сегмент, каде што е забележано големо намалување на нето откупената ефектива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.