Надзорна расправа во Собранието во која пратениците треба го чешлаат случајот Еуростандард банка е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии претседател е Тимчо Муцунски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Муцунски неодамна за Фактор изјави дека целта на оваа надзорна расправа не е пратениците да ловат вештерки, туку да излезе на виделина вистината за пропаднатата банка.

Во очи расправата, „Вечер.мк“ објави документи од стечајната маса, кои покажуваат 29 струмички фирми кои не ги платиле кредитите кон Еуростандард, а нивната сума, според овие првични податоци, изнесува 12,8 милиони евра.

Глобал Медиа Груп, имала голем кредит од Еуростандард Банка. Со месеци не го враќала. Томе Костадинов е и сопственик и управител.

Сара Инжинеринг е на Горан Крстев од Глобал, каде основач е и Вице Заев.

Фирмата „Тритерол“ (и транспорт и петрол и логистика) на функционерот на СДСМ Лефтер Андонов, е фирма која земала многу кредити од Еуростандард кои не ги вратила. За оваа фирма опозицијата постојано обвинува дека е голема пералница на пари во која се вртат милионите на функционерите на СДСМ.

Кредитите не ги плаќале со години. Минималното доцнење им било 224 денови, односно 8 месеци, а максималното 2,5 години!

Овие кредити не се вратени.

Народната банка знаела се уште во мај месец, но, како што пишува „Вечер“,  очигледно е дека чекала да поминат парламентарните избори, па дури потоа да ја затвори Еуростандард банка.

Штедачите најавија дека ќе протестираат кога ќе почне надзорната расправа во Собрание.

Сметаме дека треба токму на тој ден во тоа време да излеземе повторно на протест каде ќе го изразиме нашето незадоволство спрема учесниците во надзорната расправа и општо према сета ситуација во која се најдовме за жал не по наша вина – соопштија штедачите.

Тие вчера испратија и друг допис во јавноста, во кој за прв пат споменуваат имиња на фирми кои земале кедити од банката со многу помали гаранции од износот на заемите, но и прашуваат како одеденаш толку многу заеми од банката станаа ненаплатливи.

Според јавно достапните извештаи од Еуростандард банка за просечната изложеност на кредитен ризик по одделни категории на ризик, на крајот од 2019 година банката имала околу 88,3 милиони евра или 59 отсто од кредитното портфолио од дадени кредити во најдобра и најсигурна категорија „А“.

 

Од друга страна, според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски за состојбата на банката на ден 12 август 2020 година, денот на нејзиното затворање, банката станала несолвентна од причини што речиси 60 отсто од вкупното кредитно портфолио на правните и физички лица или речиси 60 милиони евра биле целосно или делумно ненаплатливи. Оддеднаш, за само половина година, 88,3 милиони евра од најдобри и сигурни кредити во голем дел стануваат ненаплатливи. Како е тоа можно?

 

Со кое магично стапче речиси 60 милиони евра или 60 отсто од кредитното портфолио на банката наеднаш станале ултра ризични односно ненаплатливи или тешко наплатливи кредити? Давање свесно лажни информации е познато како измама и е казниво со закон.

 

Каков всушност реално бил кредитниот ризик за да се случи таква драстична промена во податоците? Кредитниот ризик е најдоминантен банкарски ризик и претставува основа на банкарското работење. Тој се јавува кога комитентот не е во можност да ги измирува своите обврски спрема банката, во договорениот износ или во договорените рокови. Успешното управување со кредитниот ризик претставува една од основните активности на финансиските институции, бидејќи на тој начин се следат сите активности што имаат ризичен профил – прашуваат депонентите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.