Апсолутна невистина е дека помеѓу лозарите имало провокатори, водени од партиски мотиви, а уште пак помалку дека дури и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев е вмешан во било што поврзано со протестот. Тој единствено дојде таму и остана до крај со лозарите, а ако министерот за земјоделство Арјанит Хоџа смета дека некој нешто планирал за политички поени, требаше и самиот да дојде пред винарската визба, и лично да се увери што се случува. Беше поканет и информиран за настаните од страна на лозарите, уште на самиот почеток, пред да бидат истурени приколките со грозје пред винаријата Тиквеш, негова беше одлуката да не дојде – вака за ,,Фокус” раскажуваат лозари кои беа дел од протестот кој се случи пред винарската визба Тиквеш во Кавадарци пред два дена.

Од лозарските здруженија велат дека се разочарани поради тоа што повторно се мешаат прстите на политиката во лозарството, наместо во ек на гроздобер да им се излезе во пресрет.

Како всушност почна проблемот на лозарите, кој ескалираше и заврши со истурени приколки вранец пред визбата, а потоа и со уривање на металната ограда, за ,,Фокус” појаснува еден од лозарите, кој прв објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа како ја истура приколката со грозје. Горан Кимов, инаку е лозар од Неготино. Вели дека лозарството со генерации наназад било во неговата фамилија, но поради сите константни проблеми со кои се соочуваат лозарите, со години наназад, ќе биде и последната генерација на лозари.

Со ред да почнеме, за да знае јавноста и да се запрат манипулациите со народот. Нема никаква политичка, односно партиска позадина случајот, и грев е лозарите да бидат претставувани како провокатори. Таму имаше народ, над 700 луѓе, кои добро знаат што точно се случи. И министерот Хоџа ќе имаше реална слика, доколку дојдеше, кога го поканивме.  Ден пред протестот од винаријата измерија малигани на вранецот, беа околу 21, ни рекоа утре да се бере грозјето. Јас сум инаку од Неготино, ја носев приколката на мои роднини. Кога според договореното стигнав пред визбата, грозјето повторно беше измерено и покажа 20,4 малигани. Отсечно ми кажаа дека имаат нови правила, не примаат под 21 малиган. Нормално дека прашав зошто тоа не ни се кажа претходниот ден, ако требало поголема шеќерност, ќе чекавме уште неколку дена. На прашањето што да му правам на грозјето, кое беше повеќе од три тона, одговорот беше да си го носам. А каде да го носам? –раскажува лозарот.

Истото им се случи и на други лозари, и што беше дополнително иритирачки, не ни добивме било каква белешка на која пишува колку точно малигани беа измерени. По сета мака со бербата, да бидеме доведени во ваква ситуација, што можевме да правиме? Да се надеваме на помош од министерот, да го известиме и да го повикаме да дојде и да види што се случува. Токму тоа и го направивме. Му пративме порака на неговата официјална страница во 10.27 минути.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.