Годинава освен на рускиот пазар македонското јаболко ќе се пласира и на пазарите во Хрватска и Босна и Херцеговина, кои имаат недостаток на сопствено производство, а голем интерес за откуп на јаболка има и од Саудиска Арабија и Либија.
Производителите се задоволни и од родот, квалитетот и од откупната цена која се движи од 14 до 18 денари за килограм во зависност од сортата. Се надеваат дека и Бугарија ќе сака да увезе од нашите јаболка.
Има голем интерес од купувачи од Русија, а во последно време се јавуваат и купувачи од Хрватска и од Босна и Херцеговина кои немаат доволно домашно производство за задоволување на потребите од јаболка. Се надеваме дека и Бугарија ќе пројави интерес за увоз, а голем интерес за откуп на македонските јаболка има и од Саудиска Арабија и Либија, вели Менде Ивановски, претседател на работната група на јаболкопроизводители, пренесува Вечер.
Годинава се очекува да се соберат од 100 до 120 илјади тони јаболко, од кои 30 илјади тони од сортите „муцо“, „златен делишес“ и „црвен делишес“, а 70 до 80 илјади од сортата „ајдаред“.
Овоштарите велат дека поголем дел од родот е прва класа. Околу 70 отсто од јаболката се прва класа, а речиси 20 отсто од родот е со екстра квалитет. Велат дека оваа година временските услови беа погодни, но има 40 илјади помалку род поради штетите од ланското невреме.
Ивановски вели дека нема проблем со сезонски работници, бидејќи покрај албанските берачи има и берачи од земјата и од регионот.
Во моментов има сезонски работници од Албанија. Се надевам дека додека трае бербата нема да се затвори границата со Албанија за да може да ги оберат јаболката и да се вратат. Покрај албанските има берачи од земјава и од регионот, а дневницата е 1.200 денари, додава Ивановски.
Производителите се надеваат дека до март годинава ќе заврши продажбата на јаболката. На пазарите низ Македонија веќе еден месец има квалитетни јаболка по пристапна цена. Цената на најзастапената сорта „ајдаред“ се движи околу 30 денари за килограм, а другите сорти се продаваат од 50 до 60 денари за килограм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.