Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, се сретна со претседателите од четирите стопански комори во Република Македонија, кои го сочинуваат Комитетот за бизнис дијалот со Грција како и со дел од Меѓународната група на експерти, кои се дел од овој деловен дијалот со грчките стопански субјекти.
Средбата се реализира во пресрет на посетата на министерот Османи на Атина, со цел размена на информации и координација на идните активности кои произлегуваат од Договорот за стратешко партнерство и неговиот Акциски план, наменети да го поттикнат и структурираат дијалогот меѓу бизнис заедниците на двете соседни држави.
Македонија придава особена важност на односите со пријателска Грција, која е еден од нашите најзначајни трговски партнери и инвеститори со кои веќе остваруваме забележително ниво на соработка. Очекувам идните ангажмани на Комитетот за бизнис дијалог и Меѓународната група на експерти да ја поткрепат и дополнат успешната комуникација во насока на ширење на потенцијалите и можностите за бизнисот – нагласи Османи, потенцирајќи дека добрососедските односи се првиот приоритет на надворешната политика на земјата, не само во насока на политичката стабилност, туку и од аспект на потребата за поголема економска размена и соработка.
Османи истакна дека целта останува двете држави преку своите деловни заедници да изнајдат најдобри решенија во однос на регулирањето на трговските марки, трговските имиња и ознаките на потекло, што ќе придонесе за уште поинтензивна соработка меѓу Македонија и Грција.
Бизнисот и економијата имаат прагматичен пристап и тие треба да ги предводат добрососедските односи – истакна Османи.
Искуствата, мислењата и ставовите изнесени на средбата, ќе бидат тема на разговор и со грчката страна при претстојната посета на Османи на Атина
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.