Граѓани, компании и институции наплатиле 15 милиони евра штети од осигурителните друштва за неживотно осигурување во првите три месеци годинава. Износот на исплатени средства за штети, покриени со осигурителните полиси, во првиот квартал годинава пораснал за 9,5 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најмногу штета исплатиле „Триглав Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Халк Осигурување“, „Уника“ и „Еуролинк“. Според официјалните податоци на АСО, најголем раст на исплатени штети, има кај дополнителното здравствено осигурување – 92 отсто повеќе од првото тримесечие лани.
Најголем дел од исплатените штети се однесуваат на покритија од автомобилска одговорност за што 11 компании кои осигуруваат ризици од неживотно осигурување исплатиле 8,55 милиони евра, што е за 7,6 отсто повеќе исплатени штети од истиот перод минатата година. Оваа класа осигурување е задолжителна со закон и генерира најголеми приходи за компаниите од продажба на полиси, но и најмногу обврски. Најмногу штети кај оваа класа осигурување во првите три месеци исплатиле: „Уника“ 1,2 милиони евра, „Триглав Осигурување“ еден милион евра, „Винер“ 967.000 евра, „Халк Осигурување“ 934.000 евра и „Сава Осигурување“ 890.000 евра – информираат од Агенцијата.
Според податоците на АСО, вредноста на вкупното обештетување кое компаниите го платиле за штети на осигурен имот за овој период изнесува 1,62 милиони евра, што е за 14,3 проценти повеќе од првиот квартал лани. Најголемо учество во исплатените средства за обештетување имот има компанијата „АДОР Македонија“ 353.000 евра, потоа „Евроинс“ со 311.000 евра и „Сава Осигурување“ со 216.000 евра.
Во класата осигурувања од незгода за првиот квартал осигурениците наплатиле 2,1 милиони евра што е за 17 отсто повеќе исплатени средства за штети во однос на истиот период лани. Најмногу штети исплатиле: „Еуролинк“ 347.000 евра, „Триглав Осигурување“ 289.000 евра и „Уника“ 251.000 евра – се вели во соопштението.
Како најбрзорастечка класа на неживотно осигурување, дополнителното здравствено осигурување во првиот квартал осигурениците од осигурителните друштва добиле 712.000 евра, што е за 92 проценти повеќе од 2020 година. Најмногу исплатени штети за приватно здравствено осигурување има исплатено „Еуролинк“ со реализација од 262.000 евра, на второ место е „Халк Осигурување„ со исплатени 130.000 евра.
Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување, најголемо учество во период од јануари до март, за осигурување неживот имаат комапниите „Триглав Осигурување“ , „Сава Осигурување“ , „Халк Осигурување“, „Уника“ и „Еуролинк“, додека бројот на исплатени штети во првото тромесечие од оваа година изнесува 17.530, што е зголемување за три отсто во однос на минатата година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.