Во текот на вчерашниот ден, Здружението на оштетени физички и правни лица „Правда за штедачи” оствари средба со Делагацијата на Европската унија во земјава на која се разговараше за стечајот на Еуростандард банка. На средбата, која траеше час и половина, претставниците на делегацијата беа детално запознаени со состојбата во која се најдоа оштетените депоненти на Еуростандард банка по отворањето на стечајната постапка, како и со активностите што се превземаат за надминување на овој проблем.

Со конкретни податоци и факти беше опишана состојбата со грабежот на депозитите на физичките и правни лица преку давање на кредити без покритие и други активности превземани од страна на менаџментот на банката, со нагласок дека тие активности биле долги години наназад толерирани од државните институции кои се надлежни да ја контролираат работата на банката, да го следат текот на парите и да не дозволат состојбата да ескалира. Претставниците на Здружението отворено истакнаа дека се сомневаат во криминални активности, не само на луѓерто од банката, туку и на високопозиционирани функционери во државниот апарат. Во таа смисла без посочени повеќе примери на одлевање на пари во економски оператори кои не исполнувале ниту минимални услови за добивање на енормно високи кредити кои никогаш не ги вратиле, ниту пак од нив може по пат на присилна наплата да се вратат. Бидејќи оваа појава била масовна, особено со интензивирање две-три години пред отворање на стечајот, таа не можела да остане незабележана за многубројните државни органи кои го следат текот на парите и организираниот криминал. Почнувајќи од Народната банка, па до органите чија задача е да гонат токму финансиски криминал. Но, од нив сеуште има само молк бидејќи и по повеќе од една година од отворањето на стечајната постапка, сеуште нема процесуирано ниту една кривична постапка.

Токму затоа што кривичната одговорност за пропаѓањето на Еуростандард банка не зависи од оштетените депоненти туку пред се од Финансиската полиција и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, превземени беа активности за заштита на правата на депонетите преку обезбедување на позицицијата на оштетените во стечајната постапка и елиминирање на нивната нерамноправност и дискриминација која произлегуваше од поставеноста на стечајната постапка за банки. Имено, согласно член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити беше во привилегирана позиција, што сите други доверители ги ставаше во состојба на нерамноправност и дискриминација. И кога по нашата иницијатива, Уставниот суд го укина член 163 став 3 од Законот за банки, на сите ни олесна бидејќи помисливме дека сме на чекор од правдата. Но, денес се судираме со нов проблем. Основниот граѓански суд Скопје што ја води стечајната постапка сеуште не ја имплементирал Одлуката на Уставниот суд, иако поминати се неколку месеци од нејзиното донесување. Напротив, Основниот граѓански суд Скопје, на барањето на група доверители да одлучи за статусот на Фондот во понатамошниот тек на стечајната постапка, донесе негативна одлука (со решение го одби барањето), додека за барањето да ги запре од извршување сите поединечни акти донесени во стечајната постапка врз основа на укинатиот член 163 став 3 од Законот за банки, воопшто не се произнел. Притоа, иако за својата одлука судот дал обемно образложение, тоа образложение, сепак, не ја содржи суштината на проблемот. Напротив, судот направил импровизација и не дал конкретен одговот врз основа на кој закон смета дека побарувањето на депонентите физички лица преминало врз Фондот за осигурување на депозити. При таа импровизација, Основниот граѓански суд Скопје употребил непостоечки институти, поради кои и не се повикал на закони од кои тие произлегуваат. Првиот институт е „посебна (sui generis) законска суброгација” што како таква, не постои во ниту еден закон. Напротив, во Законот за облигациони односи постои институт „договорна и законска суброгација” кои се јасно дефинирани, но никаде не може да се сретне „посебна (sui generis) законска суброгација”. Вториот институт не е експлицитно наведен, но може да се утврди од правниот основ наведен во Решението на судот, според кое, побарувањето на депонентите преминало врз Фондот во согласност со Статутот на Фондот. Со тоа, практично, судот промовира нов вид на суброгација, таканаречена „статутарна суброгација” што не само што не постои во законската регулатива, туку таква не познава ниту правната теорија. Статутот е акт за внатрешна организација на Фондот, и со него не може, ниту смее, да се создаваат права и обврски кон трети лица. Фондот за осигурување на депозити е основан со закон. Врз основа на закон банките плаќаат годишна премија од депозитите на физичките лица (осигурување на депозити) во касата на Фондот. Фондот врз основа на закон исплаќа до 30.000 евра на физичките лица во случај на ризичен настан (стечај), поради што, аналогно, неговото право и статусот во стечејната постапка исто така мора да биде регулирано со закон. Тој закон досега беше членот 163 став 3 од Законот за банки што го укина Уставниот суд, поради што оправдано се поставува прашањето за понатамошниот статус на Фондот во стечајната постапка во услови кога оваа одредба не е веќе дел од правниот поредок.

Но, решението на Основниот граѓански суд Скопје по однос на ова прашање и неговото (не)спроведување на Одлуката на Уставниот суд, кај оштетените депоненти од Еуростандард банка раѓа основан сомнеж дека се подготвува нов грабеж на депозитите заробени во стечајната маса. И тоа на очиглед не само на депонентите туку и на пошироката јавност. Наша задача е навреме да укажеме на тоа и да изразиме надеж дека Апелациониот суд Скопје, каде предметот се наоѓа во жалбена постапка, ќе има доблест да застане на патот на грабежот и неправдата. Тоа го бараме и тоа го очекуваме од Апелациониот суд Скопје. Во меѓувреме, нашата борба продолжува.


Оштетени штедачи на Еуростандард банка



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.